Денес ќе ви покажам како да направите бисквит за торти и колачи. Ова е еден класичен рецепт кој секогаш излегува совршено и само овој го користам. Брзо, евтино и многу примамливо. После овој рецепт нема да треба да купувате кори.




Секако доколку сакате кафеава кора може да додадете какао, а исто по вкус и во зависност од тоа што подготвувате може да додавате јаткасти плодови, малку рендана лимонова кора или кора од портокал, рум итн… но јас денес ќе ви ја покажам само базата на рецептот.




Отсекогаш сум имала проблем како да исечам печен бисквит на три делови за да добијам четири убави и еднакви кори за колачи. Секогаш се случило да добијам три кори исти, а четвртата да биде премногу тенка или да има ,,голем стомак”.

Сакам да ги споделам со вас овие два бисквити кои се совршени за оние на кои им требаат четири кори за колачи. Подготовката на овие два бисквита е потполно иста, се менува само односот на состојките, бидејќи какаото е ,,тешко” и бисквитот не може да порасне колку што треба.




Потребни состојки за жолт бисквит: 7 јајца (М големина), 200 г шеќер, прстофат сол, 300 г остро брашно, 2 лажици топла вода, 2 лажици масло, ½ прашок за печиво. Потребни состојки за кафеавиот бисквит: 9 јајца (М), 250 г шеќер, прстофат сол, 300 г остро брашно, 50 г какао (темно за колачи), 3 лажици топла вода, 3 лажици масло, ½ прашок за печиво.




Постапка: Обложете го дното на калапот (26 см) со хартија за печење и намачкајте го работ на калапот со путер. Одделете ги белките и жолчките… Во сад се ставаат белките и солта и се меша кратко со миксер додека белките да станат пенасти.




Постепено додавајте шеќер и изматете сè во цврст снег. Со дополнително мешање додавајте ги жолчките една по една и изматете сè заедно. Со постојано мешање, во лесен млаз додајте вода и масло.

ЗА ТЕМНИОТ БИСКВИТ КАКАОТО МОРА ДА СЕ ПРОСЕЕ! Соединете ги сите суви состојки, намалете го миксерот на најмала брзина и полека додавајте ги сувите состојки со лажица. Само со миксер накратко соединете ги состојките и со шпатула со лесни кружни движења убаво соединете ги за да не се таложи смесата.




Излејте го бисквитот во подготвениот калап, израмнете го и ставете го да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 40-45 минути. Печениот бисквит извадете го од рерна и оставете го во калапот 10 минути.




Потоа извадете го бисквитот од калапот и оставете го целосно да се излади. Забелешка и совети: Во бисквитот можете да додадете ванилин шеќер, кора од лимон или портокал, рум шеќер, ореви, печени лешници итн.




Задолжително користете јајца со големина М, доколку користите поголеми јајца, на пр. А задолжително ставете едно јајце помалку. Доколку бисквитот го печете во обрач, а не во калап, внимавајте обрачот да е погоден за печење, во спротивно средината ќе ви ,,падне”.




Најдобро е бисквитот да се испече претходниот ден, и да се остави да излади, да се завитка во проѕирна фолија и да се стави во фрижидер преку ноќ и само следниот ден да се исече и да се направи колач.




Бисквитот можете да го потопите во сок, чоколадо, кокос, бадемово млеко, топла вода во која сте додале половина лимон и две лажици џем по желба и сл. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Сè во овој рецепт има свои причини – зошто белките треба добро да се изматат, зошто водата и маслото се додаваат во лесен млаз и зошто сувите состојки лесно се соединуваат во смеса. Затоа точно следете ги упатствата, инаку бисквитот може да биде понизок од очекуваното.