Мартин Најдовски е познат билкар од Велес кој неодамна ја издаде својата прва книга „Даровите на големата Мајка Природа“. Читателите на НМД.мк со задоволство ги читаат неговите рецепти и објаснувања за билките. Овојпат, Мартин ни откри повеќе за себеси и неговата книга, и секако, даде совети за читателите, како најдобро да се заштитат од претстојната виpycна сезона.
Билкарството претставува традиционална, односно народна медицина која се заснова на употреба на билките и билни деривати со цел лекување на здравствени состојби. Тоа е еден од најстарите методи за лекување, а старо е веројатно колку што е стар и човекот.
Лекувањето со билки е вештина која ја развиле сите народи во светот, па во склад со поднебјето во кое живеат, научиле да ги користат билките кои им се достапни. Знаењата за лековитите својства на билките се акумулирани во текот на илјадници години.
Македонија е позната по изобилството на голем број разновидни и ендемични видови билки. Оттаму, традиционалното билкарство е застапено во речиси сите делови од нашата земја. Освен професионалните билкари, за билките и нивните лековити својства се интересира и голем дел од населението кое покрај конвенционалната, ја почитува и природната медицина.
Градот Велес е познат по многу нешта, а меѓу другото, по бројни лековити води и билки. Мартин Најдовски е роден во велешко семејство во кое традиционалната медицина се користела со генерации наназад. Така, тој од многу мали нозе учествувал во берењето и приготвувањето на лековити препарати.
На 21 годишна возраст Мартин стана еден од најмладите билкари во Македонија со речиси еднодецениско активно искуство и издадена збирка книга на уникатни рецепти кои не можат да се сретнат во ниедна друга книга. Прочитајте повеќе за Мартин Најдовски, за билкарството и лековитите билки:
-Мартин, кој од вашето семејство имаше најголемо влијание за да ви ја пренесе љубовта кон билките?
„Најголемо влијание врз мене имаше мојата тетка Лилјана Гроздина која воедно беше и меѓу првите билкари во Македонија, доста позната и почитувана, со енормно знаење и воедно автор на повеќе книги. Влијание имаа и моите баби Станка и Грозда, кои уште додека бев мал ми ги покажуваа билните препарати кои тие ги приготвуваа, одевме заедно на берење на билки и едноставно, ми го пренесуваа нивното знаење за истите.“
-Кога за првпат започнавте активно да учите за билките и нивните лековити својства и колку време требаше да помине додека почнавте да ги приготвувате вашите лекови?
„Со проучување на билките започнав уште додека бев многу мал, но активно започнав да се занимавам со билкарство во 2012 година, а воедно и мојот прв приготвен лек беше мевлем од билката гавез, со кој успешно го излекував мојот прв пациент со 10-годишен ишијас. Иако со години се бавам со билкарство, секојдневно сите научуваме нешто ново, бидејќи додека сме живи ќе дознаваме уште многу нови работи кои науката ќе ги открива во иднина…
-Секоја билка си има своја намена и се користи за одредена состојба. Но, дали сепак, меѓу сите нив имате неколку омилени билки кои би ги издвоиле како особени значајни?
„Сите билки ги сакам, ги берам и негувам, но меѓу сите нив, би ги издвоил како особено омилени, но и како билки со големо значење за мене, следниве: дивиот – шумски лук (сремуш), Богородичното нане или познато како џоџун, борот, медуниката и слаткарчето.
-За кои проблеми луѓето најчесто ви се обраќаат за помош?
„Моментално работам со ковид-пациенти, исто како и лани, особено во Велес ги знаат моите лекови кои даваат одлични резултати за истото. Најчесто луѓето кај мене бараат лек за кожни заболувања, и секако, за cтеpилитет како најголем проблем на 21.век.
-Кажете ни нешто повеќе за вашата книга, што содржи и по што се разликува од останатите?
„Во книгата се опфатени 34 билки. Се обидов мојата книга да има поразлична содржина од другите книги за билкарството (тоа се само малубројни книги, бидејќи има недостиг во македонската литература за билки). Детално се опфатени билките со опис, време на берење, делови кои се берат, состав, контраиндикации, колку временски се пие и секако со над 5 рецепти кои се приготвуваат со таа билка.
Се потрудив тоа да бидат помалку познати билки, „нови“ за читателите, дополнети со информации кои не се достапни на интернет, а кои ми биле пренесени од моите предци и луѓе кои се познавачи на билките. Сакав во мојата книга да има нови информации за кои ретко се говори или сосем „нови“ билки за некого, со кои луѓето ќе се запознаат читајќи за нив.
Од другите книги се разликува по тоа што претставува сеопфатна целина, односно, освен што го содржи описот на билката и другите генерички податоци за неа, дадени се и рецепти. Исто така, опфатени се и народните имиња, што е многу важно, бидејќи секоја билка во различен регион, позната е под друго име.
-Меѓу читателите на НМД.мк имате огромна публика која ги следи вашите совети и рецепти од билкарството. Кој природен лек или чај би им го препорачале како превенција од болести?
„Со промена на времето треба да почнеме да го зајакнуваме имунитетот, бидејќи настинките и гриповите ни се „пред врата“. Многу е важно да се прочисти организмот од евентуални паразити, бидејќи тие го намалуваат имунитетот. За оваа намена го препорачувам чајот кој се приготвува од еднакви делови на следните билки:
ДЕТОКC ЧАЈ ОД 5 БИЛКИ:ѓумбир, каранфилче, бел пелин, ленено семе и чубрика. Се мешаат еднакви делови од сите билки (на пример по 50 г), а потоа се зема 1 супена лажица од мешавината и се попарува со 500 мл зовриена вода. Се остава поклопено 20 минути, се процедува и се пие по 2 шолји дневно, наутро и навечер, во текот на 10 дена, по што се прави пауза од 3 дена.
За подигнување на имунитетот се јаде по една супена лажица зрели зрна од црн бозел, како и чај и до диво оригано (риган) кој е најдобриот природен антибиотик. По желба во чајот може да се додаваат 20 капки прополис тинктура која е одлична за имунитетот. И секако, ќе ја спомнам тинктурата од сремуш која е број 1 за заштита од вируси и зајакнување на имунитетот.
Ретко ја препорачувам ехинацеата иако е одличен имуностимулатор, бидејќи потребна е предострожност при нејзина конcумација. Имено, не се препорачува за луѓе со автоимуни заболувања, бидејќи освен што го зголемува имунитетот, истовремено го зголемува и интензитетот на самата болест. За сите останати кои можат да ја користат, топло им ја препорачувам.“