Пред некој ден многу убав мирис ми дојде од соседната куќа во која живее мојата стара сосетка која постојано меси и прави најразлични специјалитети. Толку добро мирисаше што без срам отидов до кај неа и ја прашав што зготвила, ако може да ми го даде рецептот. Таа беше толку љубезна што ми даде две парчиња од зеленчуковата пита која ја печела, а во текот на денот ми го напиша и рецептот.
Јас веднаш ја направив уште истиот ден за вечера, а ја имав и вчера за ручек. Потребни ви се евтини состојки кои речиси секој ги има дома, а сѐ што треба да направите е да го исечкате зеленчукот и да го прелиете со смеса од јајца и брашно. Оваа зеленчукова пита е толку лесна за јадење. Може да ја направите за појадок, ручек или вечера и да ја послужите со чаша јогурт. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛОТ: 1 перце праз, 300 г зелка, 2 компири, 2 моркови, 1 пиперка, 1 китка свеж копар, 1 китка свеж магдонос. ЗА ТЕСТОТО: 4 јајца, 4 супени лажици маслиново масло, 4 лажици млеко, 100 г брашно, 1 лажичка црн пипер, 1 лажичка сол, 1/2 кесичка прашок за печиво, 50 г тврд кашкавал и сусам за наросување.
ПОСТАПКА: Измијте ги добро сите зеленчуци, па исушете ги и започнете со сечкањето. Празот исечкајте го надолжно на две помали стебленца кои ќе ги исечкате ситно, додека да добиете многу ситни парчиња. Зелката може да ја изрендате или исечкате на тенки и кратки ленти, како ви е полесно.
Исечканите зеленчуци ставајте ги во голем, правоаголен плех од рерна, како што ќе ги сечкате еден по еден. Потоа земете една китка копар и една китка магдонос исечкајте ги на многу ситно. Од пиперката извадете ја дршката и внатрешните семки, па исечкајте ја на тенки надолжни ленти, а потоа на ситни коцки.
Компирот и морковот изрендајте ги директно во плехот, на најкрупната страна од рендето и со рака измешајте ги сите зеленчуци, да се распоредат подеднакво. Важно е сите зеленчуци да бидат ситно исечкани за полесно да се соединат. По желба може малку да го посолите зеленчукот, но не премногу.
Во подлабок сад, подгответе ја смесата за тесто. Оваа смесата има конзистентност на палачинки, само се соединуваат состојките и одозгора се прелива и се меша со зеленчукот, па се става на печење. Јајцата и млекото треба да бидат отстојани на собна температура, минимум 1 час пред подготовка на питата.
Скршете ги јајцата во садот и енергично изматете ги со виљушка додека да се разбијат. Посолете и додајте црн пипер, па постепено излејте го маслото, па потоа млекото. Можете смесата да ја соединувате и со миксер, ако ви е полесно. По соединување на течните состојки се додаваат сувите.
Додајте го просеаното брашно, измешано со прашокот за печиво. Сѐ добро измешајте додека да се добие, мазна и еднолична смеса која нема да има грутчиња од сувите состојки. Оваа смеса може да ја подготвувате и со јогурт, наместо само со млеко. Вака подготвената смеса прелијте ја врз зеленчукот во плехот.
Измешајте со две лажици истовремено додека подеднакво да се натопат зеленчуците во смесата, па израмнете ја во плехот, кој претходно треба да го обложите со хартија за печење. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени и печете ја питата околу 30 минути.
По изминатото време, се вади од рерна и се наросува со рендан кашкавал и сусам, па се враќа уште 15 минути да се допече во рерна, на истата температура. За тоа време, кашкавалот ќе се растопи и питата ќе добие убава, златна коричка. По печењето, се остава сосем малку да се олади, па се послужува исечена на коцки со чаша јогурт. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.