Првите крофни се смета дека изгледале како ленти тесто натопени во мед и исечени на парчиња. Во текот на 15-ти век, крофните доживеале вистинска експанзија, првично во Европа, каде што се јаделе како топчиња од тесто потопени во шеќерен сируп.




Се верува дека крофните, најмногу слични на денешните, се појавиле во Данска на почетокот на 19-ти век. Токму данските доселеници во текот на 19-ти век го донеле рецептот во Америка, каде што ја достигнале својата популарност.

КРОФНИ – ПРВ РЕЦЕПТ

Денес има милион рецепти за овој деликатес, а има и мини верзии. Секогаш се вкусни, а ви предлагаме да пробате да ги направите познатите прстенести крофни, кои се неверојатно воздушни и меки. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ – БЕЗ ЈАЈЦА): 150 мл топло млеко, 35 г шеќер, 4 грама инстант квасец, 250 г брашно, 1/4 лажичка сол, 25 грама путер, масло за пржење и шеќер за наросување на крофничките.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ – СО ЕДНО ЈАЈЦЕ): 300 г брашно, 120 мл млеко, 1 лажичка сув квасец, 2 лажици шеќер, 30 г путер, 1 јајце, 1/2 лажичка сол, масло за пржење и шеќер за наросување на крофничките.

КРОФНИ – ВТОР РЕЦЕПТ




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Активирајте го квасецот во загреаното млеко (или на собна температура), но не смее да биде врело/зовриено. Путерот исто така треба да биде отстојан на собна температура за да омекне. Во млако млеко растворете го квасецот со 35 г шеќер, додајте една-две лажици брашно и помешајте додека да добиете изедначена смеса без грутчиња. Оставете на топло место додека квасецот да се активира.




Во активираниот квасец просејте го брашното измешано со прстофат сол, па замесете убаво, компактно и мазно тесто, кое нема да се распаѓа. Во тестото додајте го омекнатиот путер и замесете го на рамна, набрашнета површина околу 7-8 минути, додека целиот путер да се апсорбира и да не излегува на површината.




Ставете го тестото во чист сад, покријте го со кујнска крпа или пластична фолија и оставете да одмори околу 15-тина минути во топла просторија. Ако имате време, може да го оставите и подолго. Потоа премесете го уште малку, па малку развлечете го во круг, со помош на рацете.




Поделете го на 8 еднакви триаголници како да сечете пица. Секој дел обликувајте го во топче и така сите топчиња од тестото покријте ги, па оставете да одморат уште 10-тина минути на топло место. Потоа секое топче сплескајте го малку, да остане со дебелина од половина прст, а на средина извадете кругови со ракиена чашка или капаче.




Остатокот од тестото што ќе остане повторно замесете го, развлечете го во кора и вадете кругови додека целосно да се потроши. Од него ќе ви излезат уште неколку крофнички. Во пошироко тенџере или тава загрејте маст или масло, да има барем два прсти длабочина. Откако ќе се загрее намалете ја температурата на умерено и спуштајте ги крофните да се пржат.




Пржете ги по неколку минути од двете страни додека да заруменат. Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салветка. Кога ќе се подизладат може да ги наросите со шеќер.

ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Млекото малку загрејте го (не треба да врие или оставете го да отстои на собна температура, минимум 1 час пред подготовка на крофничките) и прелијте го во еден сад, па додајте го шеќерот, солта и квасецот.




Промешајте да се соединат сите состојки со жица/маталка. Додајте едно јајце на собна температура и изматете со жица за матење. На крајот додајте го просеаното брашно, па соединете со шпатула, додека да се формира густа смеса. Замесете го тестото со рацете, додека малку да се обликува, па потоа додајте го путерот кој треба да биде малку омекнат на собна температура и замесете тесто.




Тестото месете го неколку минути, додека целиот путер да се апсорбира во него. Се става во сад подмачкан со масло и се покрива, па се остава да отстои 1-2 часа. По изминатото време, тестото поделете го на 10 еднакви делови и обликувајте топчиња.

КРОФНИ – ВТОР РЕЦЕПТ

Секое топче сплескајте го со раце, па на средина направете дупка со чаша за ракија. Топчињата се редат на плех обложен со хартија за печење и се покриваат, па се оставаат да одморат половина час.

Во добро загреано тавче наросете масло и пропржете ги крофните, додека да поруменат од двете страни. Извадете ги на салфетка малку да се исцедат, па валкајте ги во шеќер. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете ОВДЕ, а за вториот рецепт ОВДЕ.