Овие крокети со ориз излегуваат од златните раце на свекрва ми која секогаш и дотекнуваат разни комбинации за подготовка на јадења. Сите го знаеме рецептот за кромпирови крокети, но овие со ориз ми се двојно повкусни, имаат некој посебен шмек.
Многу едноставно и лесно, а додека ги пржите не впиваат многу масло, таман се. Еве што ќе ви биде потребно за да ги направите: ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши измиен ориз (400 г), 4 чаши вода, 1 мала лажичка сол, 1 главица кромид, 400 г мелено месо по ваш избор. И УШТЕ:
50 г путер, 6 јајца, 2 лажици скроб згуснувач, лебни трошки, сол, црн пипер, масло за пржење на крокетите. ПОСТАПКА: Оризот прелијте го со вода и оставете го да отстои во неа најмалку 30 минути. Потоа фрлете ја таа вода и прелијте го со 4 чаши нова вода во тенџере.
Додајте 1 лажичка сол и ставете да се готви на умерена температура додека да ја апсорбира целата вода и да омекне. При готвењето може да го покриете со капак за побрзо да се свари. Кога оризот ќе биде готов префрлете го во еден сад и оставете го да се олади.
За тоа време исечкајте ситно една главица кромид и ставете да омекне и застакли во тавче со масло. Потоа додајте го меленото месо и гответе додека да посиви. Зачинете по вкус со сол, црн и црвен пипер, а може да ставите и некој друг зачин. Потоа тргнете од рингла.
Оладениот ориз измешајте го со 3 јајца и растопен путер и соединете ги состојките. Земете еден мал подлабок сад и во него ставете целофан. Додајте 1-2 лажици од оризот и распоредете го по страните за на средина да има вдлабнатина каде што треба да ставите 1 лажица мелено месо.
Потоа добро затворете со целофанот и стегнете го оризот за да се формира цврста топка која не се распаѓа. Вака направете неколку топчиња од ориз додека да ви се потрошат состојките. Потоа направете ја смесата за похување:
Изматете 3 јајца со скробот и измешајте добро да нема грутки. Секоја топка ориз прво ставете ја да се натопи во јајцата, па во сад со лебни трошки/презла. Пржете ги крокетите заедно во длабоко загреано масло од двете страни додека да заруменат.
Кога ќе се испржат вадете ги на салфетка во чинија за да се исцедат од вишокот масло, па послужете ги додека се уште топли. Имаат многу вкусен фил и заситуваат како цел оброк. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.