Фото и рецепт: Беса Хижак – Бели триаголници

Овие бели триаголници ги подготвувам за секаква пригода. Освен што декоративно изгледаат, имаат и многу убав вкус, едноставно се префини!

Потребни состојки:

300 г шеќер
250 г путер/маргарин
2 ванилин шеќер
100 мл вода
350 г млеко во прав
200 г кокос
2 листа обланди или 1 поголем лист
желе бонбони или крем бананчиња

Постапка:

Исечете ги обландите според калапот за триаголници, а потоа обложете прво со најлон-фолија, па со обландите.

Во тенџере на умерен оган ставете шеќер, ванилин шеќер, путер и вода. Загревајте додека да зоврие и сите состојки да се растворат и соединат. Потоа тргнете од оган и оставете го садот на страна 2-3 минути додека смесата да подизлади.

Во посебен сад измешајте млеко во прав со кокосово брашно, па прелијте со подизладената смеса.

Калапот за триаголници обложете го со фолија, а потоа со исечените обланди, па дел од смесата рамномерно нанесете ја во калапот. Наредете желе бонбони и дополнете со смесата. Израмнете убаво и поклопете со обланда и ставете лесна тежина одозгора. Оставете преку ноќ да се стегне во фрижидер, а следниот ден сечете ги триаголниците.

Фото и рецепт: Беса Хижак