Сите ја сакаме раскошната бела торта која се прави со 24 јајца, но сега имам еден 10 пати полесен рецепт за слична верзија на истата торта. Кога ви се јаде нешто благо направете си ја и уживајте во нејзиниот вкус кој е многу освежителен.




Се подготвува од неколку состојки, а суштината на убавиот вкус „лежи“ во кората. Прекрасниот цитрусен шмек кој ја омекнува кората, па дури некогаш ќе си ја правите и само неа како сув колач. Полн погодок, две во едно.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г јогурт, сок од 1/2 лимон, 1 мала лажичка сода бикарбона, 1 јајце, 150 г шеќер (3/4 чаша), 60 мл сончогледово масло (1/3 чаша), 180 г брашно. ЗА КРЕМОТ: 600 г грчки јогурт (може и павлака), 80 г шеќер во прав, кокос, малку растопено чоколадо за декорација.




ПОСТАПКА: Најпрво подгответе ја кората која треба да има текстура нешто погуста од онаа за палачинки. Ставете го јогуртот во еден сад и измешајте го со половина сок од лимон. Додајте 1 мала лажичка сода бикарбона, а ако немате може да замените и со прашок за печиво.




Измешајте со жица или маталка. Потоа додајте го маслото и шеќерот и на крај се додава просеаното брашно. Целата смеса се соединува еднолично со константно мешање. Земете еден калап со флексибилен обрач и на дното поставете хартија за печење, исечена во форма на круг.




Друга, поедноставна опција е да го намастите садот со малку масло и кујнска четкичка, а одозгора да го наросите со брашно. Излејте ја направената смеса во садот и ставете на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, 3-35 минути.




По изминатото време, пресечете ја кората надолжно на три еднакви делови, но прво пресечете го делот кој одозгора се надигнал за време на печењето за кората да биде рамна и да можете подеднакво да ја пресечете.




ПОДГОТОВКА НА КРЕМОТ: јогуртот изматете го во шлаг заедно со шеќерот во прав. Поделете го филот на три делови така што на едно место оставете малку повеќе фил. Ставете ја првата кора на чинија и одозгора филувајте, потоа се реди втората кора, се филува и на крај третата кора се премачкува целата торта.




Може да растопите и чоколадо за декорација и да прелиете одозгора, но може да правите и мали ѕвездички така што ќе капнувате по точка од чоколадото и со чепкалка ќе го разлеете како краци. Од страните тортата декорирајте ја со кокосови снегулки.




Ставете во фрижидер на кратко да се стегне, а потоа послужете ја. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.