БЕЛ АЈВАР – МАЛИЏАНО – традиционален македонски намаз без пастеризација со феноменален вкус. Рецепт на Бојана од каналот Бокина Кујна. Белиот ајвар или малиџано е уште една стара, традиционална македонска зимница која се подготвува во многу семејства.




Малиџаното се прави од зелени и жолти пиперки, домати, сенф, масло.. А по вкус може да се додаде и бело лукче. Се комбинира одлично како прилог со секое јадење, но највкусно е доколку се намачка на лепче во комбинација со парче сирење.




Потребни состојки: 5 кг зелени пиперки, 4 кг модар патлиџан, 2 рамни супени лажици шеќер, 1 помала главица лук, сол по вкус, 100-150 мл 9% ал-кохолен оцет, 100 г сенф, 700 мл масло. Во овој рецепт се додава 2 рамни лажички сол, но намазот се пробува пред крај и се додава доколку недостасува уште сол.




Постапка: Зелените пиперки добро се измиваат, па се печат исто како и црвените за подготовка на ајвар, додека потемнат, па потоа се лупат и се чистат одвнатре. Истото се повторува и со модриот патлиџан. Најпрво се мие се сече на неколку потенки парчиња и се става на печење директно на рингла или плотна/скара исто како пиперките.




По печењето, пиперките и модрите патлиџани се блендираат во блендер или машина за мелење месо (на најкрупно). Во поголемо тенџере на рингла се додава маслото и се чека добро да се загрее.




Во врелото масло, се додава смесата од блендирани пиперки, а потоа и смесата од модар патлиџан. Се остава да се готви околу 2 часа, со повремено да промешувате на смесата, убаво до дното и на сите страни за да не загори.




Негде на половина од готвењето се додава една мала главица лук, ситно исечкана, а уште подобро направена како паста. Потоа се додава 1-2 лажици шеќер, 100-150 мл ал-кохолен оцет 9%, во зависност од тоа колку сте љубители на киселиот вкус.




На крајот се додава уште една или две рамни лажички сол, секако по потреба, додајте сами или одземете од количината. Пред самиот крај од готвењето (отприлика после час ипол) се додава 2 лажици сенф.




Смесата се промешува и се остава да се готви уште 10-15 минути. Јас во рецептот користам благо-лут сенф, но вие може да користите каков сакате. Намазот е готов кога со лажицата која мешате, ќе забележите дека се гледа дното на тенџерето.




Исто така, показател дека намазот е готов, е кога со лажицата ќе земете малку од смесата, а таа паѓа во целина. Сепак бидете внимателни да не го пресушите малиџаното со многу готвење. По готвењето, веднаш се складира во чисти, стерилизирани тегли, додека е сè уште врел.




Во теглите ставате по 1-2 лажички од намазот, и чекате неколку секунди за да ја облее пареа целата тегла, па веднаш ги полните теглите до врвот додека малиџаното е многу врело. Теглите веднаш се затвораат и не треба да се пастеризираат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.