Многу вкусна и здрава пилешка чорба. Потребни состојки: 400 г кокошкино или пилешко месо, 200 г врзоп зеленчук за супа ( морков, магдонос, целер), 50 г путер, 50 г брашно, 20 г сува бамја, 1 жолчка, 50 г кајмак или милерам, ½ лимон, 1 ловоров лист, малку сол, црн пипер
Постапка: Пилешкото месо измијте го, ставете го во лонец, налијте вода, посолете и гответе заедно со исчистен морков, магдонос, целер и ловоров лист. Кога месото е варено, процедете ја супата, одвојте го месото од коските и исечкајте го на коцки.
Вака исечкајте го морковот, магдоносот и целерот. Во еден сад ставете путер, загрејте го, додадете брашно, пропржете, залијте со супата и гответе околу 15 минути. Додадете го месото и зеленчукот исечкани на коцки па заедно проварете ги.
Тргнете од оган и оставете на страна. Во меѓувреме сварете ја бамјата во вода со малку лимонов сок. Исцедете, измијте и додадете во чорбата, па заедно проварете. Разматете жолчка со кајмак или милерам, па додадете ја во чорбата со постојано мешање. Додадете и лимонов сок и малку путер, па зачинете со црн пипер.
Напомена: бамјата поради слузта се потопува во вода и се остава додека да набубри, а потоа се плакне во неколку води. Најдобро е пред употреба да се провари неколку минути во вода.