Не мора да се водите според дадениот рецепт за палачинки, можеби си имате свој кој ви е испробан и не сакате да го промените. Важно е во тестото за палачинки да ставите ситно сечкан власец. Се добива прекрасна арома.

Ваквите палачинки обично ги приготвувам за појадок, и додека се уште топли ги превиткувам на половина, а во средина обилно ставам кравји кашкавал рендан или на ленти.

Потребни состојки:

2 чаши брашно
2 чаши млеко
2 јајца
30 г растопен путер
1 лажица ситно сечкан власец (ако немате, може перца од кромид, магдонос)
сол, црн пипер и мускантно оревче

Постапка:

1.Сите состојки пригответе ги како што правите обично за палачинки: прво со миксер добро измешајте ги брашното и млекото, да нема грутчиња.

2.Потоа додадете ги јајцата и повторно добро измешајте.

3.Вака приготвеното тесто за палачинки посолете го и зачинете го по вкус, со црн пипер и мускантно оревче, па повторно промешајте.

4.Додадете го растопениот путер и изедначете.

5.Во тестото за палачинки најпосле додадете ситно сечкан власец, промешајте и оставете да отстои половина час.

6.Потоа печете ги палачинките со повремено промешување на тестото. Од оваа количина може да се испечат 8-10 палачинки, во зависност од големината на тавчето.