Еден ден долго се мислев што да приготвам за ручек, да не биде нешто што секојдневно што го правам, да биде нешто поразлично, но сепак, едноставно, брзо и евтино. Имав неколку батачиња и компири, па наместо класичното печење во рерна, одлучив да ги спојам и да видам што ќе излезе. Направив вкусни батачиња и крокети во едно, а име за овој мој изум немам смислено.
Како држачи ги искористив коските од батаците, па им го направив меракот на дечињата, да ги грицкаат како на анимираните филмови. Во секој случај, овие крокети може да ги правите и без „држачи“, односно без коскичките или да им ставите стапче за ражнич. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 14 батачиња, 4 големи компири или 8 помали, 200 г рендан кашкавал (чедар, кравји, овчи, мешан или по ваш избор), 4-5 јајца, 100 г брашно, 200 г лебни трошки, зачини, масло..
ПОСТАПКА: Отсечете го горниот коскен дел од секој батак, па складирајте ги настрана. Откога ќе ги подготвите сите батаци, префрлете ги во едно подлабоко тенџере и прелијте ги со вода. Посолете со 1-2 лажички сол и ставете да се варат на средна температура, додека целосно да омекнат и лесно да се одвојуваат од коската.
Компирите излупете ги (ако се млади, не мора да се лупат, само добро измијте ги) и исечкајте ги на средни коцки. Ставете ги да се варат во посебно тенџере со вода и сол, додека да омекнат. Откога ќе ги сварите компирите, процедете ги од водата и изгмечете ги во пире со виљушка или со рачен блендер. Кашкавалот изрендајте го. Може да користите било каков кашкавал кој ви се допаѓа.
Сварените батаци оставете малку да се оладат, па исчистете ги од рскавицата, жилите и коската. Коските може да ги складирате настрана доколку сакате да ги израдувате дечињата и батаците да изгледаат интересно. Чистото месо од батаци исечкајте го на многу ситни парчиња. Соединете ги месото, пирето од компири и кашкавалот во еден подлабок сад.
Сѐ заедно измесете во еднолична смеса која треба да биде компактна, нешто слично како тесто. Во смесата додајте 1-2 јајца, посолете и зачинете со црн пипер, црвена зачинска пиперка и останати зачини по ваш вкус. Дегустирајте ја смесата пред да продолжите со обликувањето на крокетите.
Формирајте топчиња (користете лажица како мерка) и добро измесете ги помеѓу дланките во елипсовидна форма. На средина по желба ставете ја коската од батаците, добро прилепете ја и складирајте ги настрана, додека да ги подготвите сите батачиња. Потоа, во еден сад измешајте 3 јајца со малку сол, во друг сад ставете брашно, а во трет презлата.
Похувајте ги батачињата во јајцата, па во брашното, па во крокетите. Пржете ги во длабоко загреано масло додека да поруменат и да фатат коричка. Послужете ги со сос за скара или нешто по ваш избор. Деталите погледнете ги ОВДЕ.