Има безброј рецепти за бајадера, а состојките главно се исти, но во мојот рецепт количините се различни. Како што е познато, секој својот коња најмногу го фали, па така и јас, за мене овој рецепт е најдобриот. Бајадерата не е преслатка, а сепак сочна. Називот „Бајаждера“ го доби од мојата најдобра пријателка која може да изеде цела тепсија без око да и трепне.




Многу се вкусни, па никој не се задржал на едно парче. Кога е готова, бајадерата можете да ја сечете на коцкички или квадари со големина која вам најмногу ви одговара. Јас секогаш ја измазнувам со прсти, досега не сум испробала ниеден „валјак“ или некоја друга техника.

Можеби би била ушта поубава, не знам, но ние баш ваква ја сакаме. Единствен проблем е вадењето на првата коцкичка од калапот, но неа главно прва ја дегустирам зашто не е убава, а да бидам искрена, веднаш го дегустирам целиот прв ред. Па, да не должам, еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 г шеќер, 10 супени лажици вода, 200 г мелени ореви, 200 г петит кекси, 200 г несолен путер, 1 супена лажица рум, 100 г чоколадо за готвење. За глазура: 150 г чоколадо за готвење, 2 супени лажици млеко, 100 г путер




ПОСТАПКА: Сварете го шеќерот заедно со водата и румот. Откако ќе зоврие не го варете предолго, туку само неколку „клуча“ и шеќерот целосно да се растопи. Потоа потргнете го тенџерето малку настрана и додајте ги мелените бисквити и ореви. Намалете ја температурата на најниско.




Енергично промешајте со лажица или кујнска шпатула/маталка, па вратете на рингла додека сето убаво да се соедини. Додајте го путерот исечкан на листови и омекнат на собна температура. Дополнително промешајте убаво да се соединат состојките и путерот да се инкорпорира.




Добиената смеса поделете ја на два еднакви делови. Во едниот дел додајте растопено чоколадо и повторно промешајте енергично за да не се стврдне смесата, а чоколадото рамномерно да се распореди и изедначи.




Во претходно подготвен калап 20х30 см прво распоредете го темниот дел, внимавајќи насекаде да биде со еднаква дебелина, па израмнете ја површината. Можете да користите рака, како мене, некој кујнски мал валјак или дното на некоја чаша (или самата чаша странично да ја валате).




Отако ќе се уверите дека сите дупченца и празни простори сте ги пополниле, а површината сте ја израмниле, врз темниот дел распоредете го светлиот дел и повторете ја постапката за израмнување.




За глазура растопете го чоколадото, додајте млеко и омекнат путер исечкан на ливчиња, добро измешајте додека да добиете изедначена и сјајна глазура, па прелијте ја преку колачот. Со движење на плехот и подигање под агол, рамномерно распоредете ја глазурата.




бајадерата оставете ја добро да се олади, барем преку ноќ. Покријте ја со проѕирна-стреч фолија и чувајте ја во фрижидер. Доколку имате време, при редењето во калапот, темната смеса поделете ја на два дела, па редете: темна, светла, темна, па глазура, како што е на насловната фотографија.




А можете и едноставно да ја поставите врз фолија и да ја свиткате во ролат. Секако ќе излезе многу многу вкусна и декоративна. Дури, може да ја редите во калап за торти и да ја сечете како триаголници. Изборот на обликот е ваш, а вкусот е неодолив. Рецепт на Сања / Сооlinarika.сom