Нема ништо поубаво од домашните бајадери кои речиси задолжително ги има на секоја славска трпеза. Совршена комбинација од мелени кекси, чоколадо и ореви, просто нè мами да посегнеме по уште едно парче..
Бајадерите се совршен избор за ситни колачи, но не мора да ги послужувате само за слава, туку и кога ви се јаде нешто благо. Иако постојат безброј рецепти за различни видови бајадери, овојпат се одлучивме за два нови, кои претходно не сме ги објавиле. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г шеќер, 9 супени лажици вода, 150 г путер, 150 г мелени ореви, 150 г мелени кекси, 4 штангли чоколадо
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г мелени кекси, 100 г чоколадо за готвење, 200 г шеќер, 150 г мелени ореви, 9 лажици вода, 170 г путер. За глазура: 100 г чоколадо за готвење, малку масло
ПОСТАПКА за рецепт 1: Шеќерот и водата ставете ги на оган и мешајте додека шеќерот целосно да се растопи. Нема потреба сирупот да го варите, туку штом шеќерот се растопи, тргнете го тенџерето настрана.
Додека е топло, веднаш додајте го путерот, па кога ќе се растопи додајте ги и сите други наведени состојки, освен чоколадото. Мешајте додека сето да се растопи и соедини во компактна смеса. Поделете ја смесата на приближно два еднакви дела, а во едниот дел додајте растопено чоколадо и изедначете.
Белиот дел развлечете го во правоаголна кора врз послужавник (јас користам стандарден стаклен послужавник), а чоколадната смеса развлечете ја преку светлата смеса. По желба, бајадерата може одозгора да ја наросите со мелени ореви, или да ја наредете обратно: прво темниот де, па светлиот, а одозгора да ја залиете со чоколадна глазура. Еве го и вториот начин на подготовка:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Водата и шеќерот ставете ги во тенџере и загревајте на тивок оган додека шеќерот целосно да се растопи. Додајте го путерот, тргнете од оган и мешајте додека и тој да се растопи.
Потоа додајте ги оревите и мелените кекси, а потоа мешајте додека да добиете густа смеса. Поделете ја на два дела. Во едниот дел додајте растопено чоколадо. На послужавник ставете масна хартија за печење и префрлете го чоколадниот дел.
Обликувајте кора со рацете во вид на правоаголник, па горниот дел и рабовите израмнете ги со нож. Врз него, на истиот начин ставете го и вториот дел од смесата. Остатокот од чоколадото растопете го на пареа, па додајте една-две лажици масло, и глазурата прелијте ја врз бајадерата.
Оставете во фрижидер да се стегне, а следниот ден пред сечење оставете ја половина час на собна температура. Сечете со остар, претходно загреан нож (пред секое засекување потопувајте го во врела вода и бришете го) за да добиете совршено рамни коцки или квадари/штангли.