Без сомнение бајадерата е една од нашите најпознати слатки кои баш сите ја сакаат. Најпозната е нејзината купечка варијанта, но постои и онаа вистинската, домашна, која според мене е далеку подобра и која со право може да се нарече една од најдобрите ситни колачи кои се погодни за секаква пригода.

Оваа домашна бајадера се приготвува според проверен рецепт кој го користам веќе со години. Сè е многу брзо и едноставно, па за целата постапка и приготвување ќе ви бидат потребни само 25 минути, секако, без процесот на ладење.

Смесата чија база се состои од мелени бисквити и ореви ја направив со вода и маргарин. Може да се користи млеко и путер, но вака направената бајадера (во посна верзија) има значително подолг рок на траење, а секако, може да се јаде во текот на целата година, па дури и во денови на пост.




Исто така, треба да напоменам дека не претерував ниту со количината на шеќер. Голем број други рецепти токму овде претеруваат и тоа без вистинска потреба, бидејќи поголемиот дел од слаткоста доаѓа од чоколадото кое се става во половина од смесата, а тука е и глазурата.




Со количините наведени во овој рецепт ќе добиете бајадера токму онаква каква што треба да биде, па ќе можете да си каснете и некое парче плус. Направена на овој начин бајадерата има одличен вкус и совршена хармонија на сочност и мекост.




Потребно е добро да се олади во фрижидер за добро да се стегне, па потоа совршено ќе се сече на идеални коцки или квадари. Но, кога ќе ги јадете тие се меки и едноставно се топат во уста. Совршени колачиња за совршено уживање. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл вода или млеко, 250 г маргарин или путер, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 400 г мелени бисквити, 300 г мелени ореви, 100 г чоколадо за готвење. За глазура: 150 г чоколадо за готвење и 6 лажици масло.




ПОСТАПКА: Во тенџере на оган ставете ја водата, шеќерот и маргаринот исечен на помали парчиња и ванилин шеќерот. Тенџерето ставете го на умерена темепратура за да се растопат состојките и соединат. Потоа тргнете го настрана.




Во подлабок сад ставете ги мелените бисквити и мелените ореви, па промешајте ги. Во сувите состојки направете мало вдлабнување и во него постепено додајте ја течната мешавина. Мешајте додека да добиете изедначена смеса која потоа треба да ја поделите на два еднакви делови.




Скршете го чоколадото на коцки и на тивок оган растопете го. Потоа додајте го во едниот дел од смесата и промешајте додека да се соедини. Плех со димензии 35х20 см малку намастете го со масло. На дното прво нанесете го темниот чоколаден слој (добро натапкајте го со раце) и израмнете.




Потоа нанесете го светлиот слој, па и тој исто така, рамномерно распоредете го врз црниот, натапкајте го и измазнете го одозгора. За глазура: Искршеното чоколадо ставете го на тивок оган или загрејте го на пареа додека да се растопи заедно со 6 лажици масло.




Глазурата прелејте ја рамномерно врз бајадерата. Оставете ја преку ноќ во фрижидер да се стегне пред сечењето и послужувањето. Се сече на правоаголници 4х2 см или по желба. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.