Бајадера тортата припаѓа во редот на класичните торти кои често се правеле, но сега се малку подзаборавени. Време е да се врати овој рецепт за неодолив десерт. Вкусот никој досега не го оставил рамнодушен, просто, секој залак се топи во уста.

Бајадера тортата е неодолива, а толку едноставна. Наместо со лешници може да ја подготвите со ореви или комбинација од повеќе јатки по ваш избор. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА 3 КОРИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 9 јајца, 9 лажици шеќер, 6 лажици брашно, 3 лажици какао, 10 г прашок за печиво, 100 мл масло. ЗА ФИЛОТ: 300 г мелени бисквити, 300 мл топло млеко, 250 г маргарин или путер, 150 г шеќер во прав, 150 г печени мелени лешници. ЗА ГЛАЗУРА: 100 мл слатка павлака, 100 г темно чоколадо. За тортата се користи калап со пречник од 26 см.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 200 мл вода или млеко, 250 г маргарин или путер, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 400 г мелени бисквити, 300 г мелени ореви, 100 г чоколадо за готвење. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г чоколадо за готвење и 6 лажици масло.




ПОСТАПКА ЗА КОРИТЕ: Се подготвува целата кора одеднаш, па се става на печење и потоа се дели на 3 еднакви делови. Јајцата треба да бидат отстојани на собна температура минимум 1 час пред подготовка. Одделете ги белките од жолчките. Изматете ги белките во цврста пена додека постепено го додавате шеќерот. Потребно е шеќерот да се растопи во белките.




Во цврстиот снег, постепено додавајте ги жолчките една по една и маслото во млаз, додека непрекинато матите со миксерот. Соединете ја смесата додека да се зголеми волуменот и малку да се згусне. Во посебен сад измешајте ги брашното, какаото и прашокот за печиво, , па сè просејте во смесата со јајца и измешајте со шпатула или жица, не со миксер.




Излејте сè во обложен плех со пречник од 26 см (користете кружен плех со флексибилен обрач) и печете во претходно загреана рерна на 180 степени. По печењето, проверете дали кората е печена со чепкалка за заби, време за печење околу 30 минути. Оставете биксвитот да се олади, па исечете го на 3 еднакви делови.




ЗА ФИЛОТ: Мелените биксвити (плазма) измешајте ги со топлото млеко додека да се формира смеса со конзистентност како влажен песок. Посебно се мати путерот со шеќерот во прав, па се додава смесата со бисквити и се повторно се мати до соединување. На крајот ги додавате мелените лешници и сѐ заедно мешате.




РЕДЕЊЕ: Ставете една кора на дното од калапот и зацврстете со флексибилниот обрач. Прелијте ја кората со малку млакомлеко, па премачкајте со третина од филот и така 3 пати повторете ја постапката. Ставете ја тортата во фрижидер малку ќе се стегне.




ЗА ГЛАЗУРАТА: Чоколадото растопете го во топлата слатка павлака. Прелијте ја изладената торта или декорирајте по желба. Препорачувам чоколадо бидејќи бајадерата не е совршена без чоколадо и одлично оди со кората и филот. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во тенџере на оган ставете ја водата, шеќерот, маргаринот исечен на помали парчиња и ванилин шеќерот. Сите состојки се загреваат на умерена темепратура за да се растопат и соединат. Потоа се трга настрана. Во подлабок сад се ставаат мелените бисквити, мелените ореви и се мешаат.

Во сувите состојки се прави мало вдлабнување во кое постепено се додава течната мешавина. Се меша додека да се добие изедначена смеса која потоа се дели на два еднакви делови. Се крши чоколадото и на тивок оган се растопува. Потоа се додава во едниот дел од смесата и се меша додека да се соедини.




Плех со димензии 35х20 малку намастете го со масло. На дното прво го нанесуваме темниот чоколаден слој кој добро се натапкува си раце и се израмнува. Потоа се нанесува светлиот слој, па и тој исто така, рамномерно се распоредува врз црниот, се натапкува и измазнува одозгора.

ЗА ГЛАЗУРА: Искршено чоколадо се става на тивок оган или се загрева на пареа да се растопи заедно со 6 лажици масло. Потоа ја прелеваме рамномерно врз бајадерата. Се остава преку ноќ во фрижидер да се стегне пред сечењето и послужувањето. Се сече на правоаголници 4х2 см или по желба.