Вкусната Мутабал паштета е ориентален посен намаз, чиј рецепт кај нас повеќе е познат како Баба Гануш и се приготвува од модри патлиџани. Постапката за приготвување не е воопшто комплицирана, а добивате преубав, вкусен намаз.
Купете 1 килограм модри патлиџани, плехот малку намастете го и ставете да се испече во загреана рерна на 200 степени додека да омекне одвнатре.
Потоа извадете го од рерна, малку засечете го и оставете го во некоја цедалка, покриена со крпа, да се излади и да ги испушти соковите.
Од продавница за здрава храна купете си готова тахини паста од сусам или таан.
Во една длабока чинија ставете 1/3 шолја тахини паста, 1 супена лажица маслиново масло, 1 супена лажичка сечкан лук, 4 супени лажици лимонов сок, малку сол и црн пипер по вкус.
Потоа изладениот патлиџан излупете го, малку со раце исцедете го и додадете му ги горенаведените состојки.
Ако гмечете со раце за да се соедини нема да ви излезе баш најдобро.
Но ако го изматите со рачен миксер или блендер, ќе добиете вистински Мутабал.
Кога е готова пастата, наросете со мелен ким.
Можете да ја мачкате на лепче, тост, двопек, со сирење, пиперки..
Ако сакате малку пикантен вкус, можете да додадете и 2-3 лути пиперки (во вистинскиот рецепт се ставаат и лути пиперки).
Ако некој сака да ја разреди пастата, може да додаде кисело млеко или јогурт. Во фрижидер може да стои 3 дена.
Потребни состојки:
1 кг модар патлиџан
1/3 шолја тахини/таан
1 лажица маслиново масло
1 лажица сечкан лук
4 лажици лимонов сок
сол, црн пипер, ким