Експертите предвидуваат дека Австралија најверојатно ќе стане првата земја која ефикасно ќе го елиминира ракот на грлото на матката во наредните 40 години.
Најновите истражувања покажуваат дека драматично се намалува стапката на хуман папилома вирус (ХПВ) – инфекцијата која предизвикува околу 99,9 отсто од рак на грлото на матката, благодарение на ефикасноста на вакцината против ХПВ.
Меѓу австралиските жени на возраст од 18 до 24 години, стапката на ХПВ паднала од 22,7 на само 1,1 процент во текот на последните 10 години, според истражувањето, кое неодамна беше објавено во „Journal of Infectious Diseases“.
Професорката Сузан Гарланд апелира родителите да се погрижат нивните деца да бидат вакцинирани, притоа објаснувајќи дека станува збор за многу безбедна вакцина.
Поради успехот на вакцината, Меѓународното здружение за хуман папилома вирус (International Papillomavirus Society – IPVS) за првпат преку соопштение објави дека ракот на грлото на матката наскоро ќе биде елиминиран како јавен здравствен проблем.
IPVS е составено од водечки светски истражувачи на рак на грлото на матката и хуман папилома вирус, меѓу кои и професорката Сузан Гарланд од „Royal Women’s Hospital“ и Универзитетот во Мелбурн, која е и советник на СЗО и глобалните креатори на политики за превенција и скрининг на рак на грлото на матката.
Професорката Гарланд вели дека Австралија, најверојатно, ќе биде првата земја која ќе направи пресвртница во искоренувањето на рак на грлото на матката.
„Прогнозираме дека во следните 30-40 години, стапките на рак на грлото на матката ќе се намалат од тековните 1 000 случаи годишно на само неколку во Австралија“, изјави Гарланд.
Искоренувањето на болеста зависи од континуираната покриеност со вакцинирање и подобрени стапки на скрининг
Најновите истражувања покажуваат дека драматично се намалува стапката на хуман папилома вирус (ХПВ)
„Нашата национална програма за ХПВ имунизација и за момчиња и за девојчиња, комбинирана со скрининг на популацијата за рак на грлото на матката, значи дека сме добро позиционирани да станеме првата земја која ефективно ќе го прекине овој смртоносен рак“, рече таа.
Но, искоренувањето на болеста зависи од континуираната покриеност со вакцинирање и подобрени стапки на скрининг, вели професорот Гарланд, која ги повика родителите да се осигураат дека нивните деца ќе бидат вакцинирани.
Во моментов, учеството во програмата за ХПВ имунизација е околу 77 проценти од средношколците.
Професорката Гарланд вели дека преостанатите околу 20 проценти претставуваат изгубени можности за спречување на рак на грлото на матката и широк спектар на сексуално преносливи инфекции поврзани со ХПВ. Таа додава дека станува збор за многу безбедна вакцина.
Извор: sciencealert.com