Фото и рецепт: Веселка Кузмановска: Американски колачи.

Многу брз и едноставен рецепт кој е популарен во Америка, но и кај нас. Колачите се ровки, многу вкусни и се топат во уста. Рецептот ни го претстави нашата драга членка Веселка Кузмановска во групата НМД рецепти.

РЕЦЕПТ 1

Потребни состојки:

4 јајца, 1 шолја (од 200 мл) шеќер, 250 г маргарин/путер, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, брашно по потреба, 200 г сечкано чоколадо

Постапка:

4 јајца се матат пенасто со 1 шолја шеќер додека тој да се растопи. На страна се мати путерот претходно омекнат на собна температура, па се додаваат јајцата и убаво се соединуваат. Во смесата се додава 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер и брашнот по потреба, односно додека да се формира убаво тесто кое лесно се формира.

Во тестото се додава 200 г сечкано чоколадо и се меси убаво. Се прават топчиња и се расплескуваат како погачки, се редат во плех обложен со хартија и се печат во загреана рерна околу 15 минути.

РЕЦЕПТ 2

Потребни состојки:

200 г омекнат путер, 150 г кафеав шеќер, 2 ванилин шеќер, прстофат сол, 1 јајце, 300 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 100 г грубо сечкани бадеми, 75 г чоколадни капки

Постапка:

Пенасто изматете го путерот со шеќерите и малку сол. Додадете јајце. Потоа додадете го брашното просеано со прашокот за печиво. Додадете ги чоколадните капки и бадемите.

Од тестото вадете топчиња, малку сплескувајте ги и редете ги во обложен плех. Се печат во загреана рерна на 180 степени околу 12-15 минути, а откако ќе се изладат по желба испрскајте ги со топено чоколадо.

РЕЦЕПТ 3

Потребни состојки:

150 г брашно, 50 г путер, 1 јајце, 75 г шеќер, ½ кесичка прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 50 г чоколадни капки или иситнето, 30 г пекан ореви

Постапка:

Загрејте ја рерната на 180 степени. Во подлабок сад измешајте брашно и шеќер, додадете јајце, потоа додадете го омекнатиот путер и месете додека смесата да стане мазна и хомогена.

Додадете прашок за печиво, парчињата чоколадо, оревите и убаво повторно промешајте. Поделете го тестото на 12 топчиња, формирајте ги колачите, редете ги на плех обложен со хартија и печете ги околу 8 минути. После печењето колачите се меки, но откако ќе изладат стануваат крцкави и ровки.

coolinarika.com