„Овој рецепт одамна го видов на интернет и оттогаш често го користам”, вели Верица и додава: „Многу лесно се прави, така што младите домаќини/ќи без проблем ќе си имаат на маса многу вкуса пита која и многу убаво изгледа.
Морам да ви кажам дека оваа пита е вистински спас и за нас постарите домаќинки, бидејќи некојпат и не ми се тегнат кори… И да напоменам, филовите можете да си ги ставате по сопствен избор и вкус”, вели Верица. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 450 г брашно, 300 мл топло млеко, 1 лажица сув квасец, 40 г растопен путер, 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол. ЗА ФИЛОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 200-300 г домашно кравјо сирење, 100 г спанаќ, 2 стебленца млад кромид, 1 белка. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ НА ПИТАТА: 1 жолчка, 1 лажица млеко, 1 лажичка масло.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад за месење ставете го брашното, потоа додајте го шеќерот, солта и сувиот квасец. Промешајте со жица или маталка. Постепено започнете да го додавате топлото млеко и мешајте. Потоа замесете тесто со постепено додавање на растопениот путер. Тестото се меси со рака приближно 5 минути, па обликувајте го во вид на топка.
Тепсија со величина од 30 см намастете ја со омекнат путер или масло. Замесеното тесто префрлете го во тепсијата (не треба да го оставате да стасува, туку веднаш префрлете го во тепсијата). Раката потопете ја во мешавина од вода и масло (само колку да ја натопите целата дланка) и рамномерно распоредете го тестото во целата тепсија, како кога се формира погача.
Покријте ја тепсијата со кујнска крпа и оставете го тестото да одмори околу половина час. За тоа време пригответе го филот. Тестото излегува многу меко, бидејќи не се меси и затоа овој рецепт е погоден за различен вид на печива и пити.
ПОДГОТОВКА НА ФИЛОТ: Спанаќот многу кратко избланширајте го (потопете го во врела вода и почекајте само водата да зоврие, па веднаш потоа потопете го во ладна вода – на тој начин ќе ја задржи убавата зелена боја). Добро исцедете го и ситно исечкајте го.
Ситно исечкајте и младо кромитче (во недостиг на млад кромид земете една главица стар кромид и исечкајте го ситно, па додајте го). Сирењето ставете го во соодветен сад и со виљушка иситнете го. Додајте една белка од јајце и соединете ја со сирењето. Потоа додајте го спанаќот и младиот кромид, па сето добро соединете го. Ако е потребно посолете по вкус.
Откако ќе стаса погачата, повторно прстите натопете ги во мешавината од вода и масло, па започнете во тестото да правите концентрични кругови, започнувајќи 5 см од крајот на тепсијата, во вид на ролни правени од кори за пита.
Во просторот помеѓу круговите, во засеците што ги направивте со прстите, ставајте го филот. Притиснете го добро за да не „стрчи” над тестото. Покријте ја питата со кујнска крпа и уште еднаш оставете ја да одмори уште 15-тина минути.
Потоа одозгора премачкајте ја со мешавина од жолчка, млеко и масло. Ставете да се пече во добро загреана рерна на 200-220 степени. Штом започне да заруменува, намалете ја температурата на 180 и испечете ја докрај. Печената пита прекријте ја со кујнска крпа, оставете ја малку да подизлади, па послужете ја. Фото и рецепт на Верица Николиќ.