Сарделите или гераниумите се долгодошни миленици на сите градинари и љубители на цвеќето. Тие се лесни за одгледување, шарени и испуштаат прекрасен мирис, особено ако ги доприте со рака.
Ова се совети за тоа како сарделите да бидат бујни, здрави и да цветаат како луди. Сарделите спаѓаат во најпопуларното цвеќе на нашите простори. И тоа, не само поради преубавиот изглед, туку и поради издржливоста и лесното одржување. Понекогаш ова преубаво цвеќе може да биде на-паднато од растителни вошки, а како да се ослободите од нив, прочитајте во текстот.
Сарделата цвета од пролет до есен, па затоа претставува одличен украс за вашиот балкон, преку целото лето. За да бидат секогаш здрави, негувани, бујни и да цветаат како луди, прочитајте ги советите подолу. На пеларгонијата или како што е попозната, сарделата, најмногу и одговара светло место, заштитено од попладневно сонце.
Оптимална температура за одгледување е од 10 до 27 степени Целзиусови. Она што е интересно за сарделите е тоа што, тие на 10 степени влегуваат во фаза на мирување и може да преживеат доста долго, но во тој период не растат и не цветаат. На температура повисока од 30 степени нивниот раст исто така се стопира.
На температура пак, под 10 степени, тие пропаѓаат. Полевањето на сарделите треба да биде редовно, но умерено. Неопходно е билките да имаат доволно влага, за да не свенуваат листовите, но не смеат ни премногу да се полеваат, за да не скапе коренот.
Летно време можете да ги прскате сарделите со отстојана вода, но доколку ноќите се студени, тогаш ова не се препорачува. Користете саксии кои имаат дупчиња на дното, односно кои имаат добра дренажа, бидејќи сарделите не сакаат влажно тло.
Оние видови чии цветови имаат силни и необични бои, не сакаат силно сонце, бидејќи тогаш почнуваат да бледеат и да ги губат своите шари. Затоа обратете внимание каде ќе ги посадите. Водете сметка да бидат заштите од силното попладневно сонце.
Кон крајот на септември би требало да се отстранат сите цветови, и свежите и свенатите, за да се сочува енергијата на билката. Зимно време треба повремено да се полеваат, еднаш на 15 денови или еднаш месечно, и да не се прихрануваат сè до март.
На почетокот од пролетта треба да се поткастри 20-30 % од сарделата, а потоа треба да се полеат. После 2-3 седмици пресадете ги во нова земја. Постепено зголемувајте ја водата за полевање и започнете со прихранување. Сарделите садете ги во веќе приготвена мешавина од земја.
Добро се покажал тресетниот суптрат со крупна гранулација. Земјата не треба да биде слепена, туку растресена, бидејќи сарделата сака доста воздух околу коренот. Се размножуваат со семе или со гранче-резанче, за што оптимално време е летото. Одлична прихрана за сарделите е раствор од вода и јод.
Една капка јод (не повеќе, само една капка, бидејќи повеќе може да го изгори коренот), се раствора во еден литар вода. 50 милилитри од овој раствор се полева покрај ѕидот на саксијата (не директво во коренот!). Ако точно вака постапите и не претерате, ќе обезбедите вашите сардели непрестајно бујно да цветаат.
Повидон јодот е познат како силен гермицид со силен спектар кој е делотворен против голем број бактерии, вируси и габички. Англиските сардели (кралски) имаат помал број покрупни цветови и имаат интензивни бои. Овие сардели поднесуваат посилно сонце и цветаат од средината на пролетта до средината на летото, но нивниот цвет не мириса.
Во однос на останатите сардели, овој вид бара помалку вода, па доволно е да се прелива на секои 3 дена. Не ги оросувајте, бидејќи овој вид не поднесува оросување. Висечките сардели („бршлен” или „лозница” сардела) се едни од најпопуларните видови. Тие сакаат сончеви места, но успеваат и на полусончеви места.
Пожелно е редовно, но умерено полевање со обична вода. Коренот не треба постојано да биде во вода, бидејќи тоа ќе предизвика негово трулење и развој на болести. Повремено треба да се оросуваат нивните листови. Овие сардели треба редовно да се прихрануваат со ѓубриво богато со азот и железо.
Некои луѓе повремено (еднаш неделно) ги наводнуваат сарделите со млеко, бидејќи на тој начин го прихрануваат и обезбедуваат добро цветање и му обезбедуваат подобра апсорпција на хранливите материи од почвата. Млекото ги содржи потребните минерали како калиум, калциум, фосфор и магнезиум.
Бидете внимателни при нивното пресадување, бидејќи нивните корења не толерираат премногу влага и затоа е важно дренажата во почвата да е добра, а тоа ќе го постигнете, на пример, со мешање на почвата со камчиња и поставување на дренажен слој на дното од садот.
Кога на лисјата ќе се појават црвеникави рабови, тоа е знак дека на сарделата и‘ е ладно. Ова најчесто се случува кога денот е многу топол, но ноќите се ладни. Во овој случај, не е лошо да го ставите растението навечер на потопло место и повторно да го вадите наутро, и така сè додека ноќите не се затоплат.
Според некои истражувања, сарделата е добро да се чува и внатре, бидејќи нејзиниот мирис ги ублажува главоболките и помага при несоница.
Сарделите се размножуваат со семе или резанки, а оптимално време за ова да се направи е летото. Резанките за да пуштат корен треба да се ставаат во топол, песочен, умерено влажен компост. Размножувањето со семето бара тоа да биде свежо, бидејќи, брзо ја губи способноста да ‘рти.
Исто така, сарделата може да се разболи. Еве како да го препознаете и како да го третирате
Најчеста болест на морско оревче е бактериската пегавост на листовите (Xsanthomonas pelargonii). На постарите листови од задната страна, се појавуваат масни и транспарентни точки, кои потоа прераснуваат во тркалезни дамки/пеги со црвеникав или сив централен дел и жолто-зелена периферна зона.
Пегите потоа стануваат видливи и на површината од предната страна на лисјата. Ваквите заболени листови треба да се отстрануваат и да се изгорат. Превентивно третирајте со фунгициди базирани на бакар.
Доколку се појавиле растителни вошки, направете раствор од две лажици бебешки шампон и 1,5 литар вода. Со помош на ситен распрскувач нанесете на зафатените места, но не прскајте премногу. Почекајте неколку часови, па испрскајте со чиста вода. Третманот трае 7-10 дена додека сите вошки да исчезнат.
Во овој раствор може да додадете и две лажици масло од канола или некое друго масло, бидејќи маслените капки ги затвораат порите на инсектите, по што уги-нуваат. Пред секое користење на вакви природни препарати, први испробајте на некој помал дел и почекајте 3-4 денови за да ја видите реакцијата на билката. Доколку нема несакани ефекти, продолжете го третманот врз целата билка.