ФИБРОЗНИ БЕЛИ ДРОБОВИ: причина, симптоми и лекување
Фиброза на бели дробови е создавање на лузни на белодробното ткиво со што се спречува правилна функција и размена на гасовите. Белодробна болест е ретка иреверзибилна болест која има поголема смртност од повеќето тумори. Во продолжение прочитајте како да ги препознаете симптомите.
Во Европа белодробна фиброза имаат околу 110 000 луѓе, а секоја година се дијагностицираат 35 000 нови случаи. Почеста е кај мажите и обично се јавува кај лица постари од 45 години.
Што се фиброзни бели дробови?
Тоа е болест која означува создавање лузни на белодробното ткиво, односно фиброза. Кога ќе се формира лузната, белодробното ткиво станува тврдо и задебелено. Со тоа се отежнува минувањето на кислородот низ алвеолите (меурчиња кои се исполнуваат со воздух). Еднаш штом се создаде фиброза, белодробното ткиво веќе не може да се обнови.
ПРИЧИНИ
Во повеќето случаи причината е непозната (идиопатска фиброза), иако постојат минимални шанси приничата да има генетичка природа (кај околу 5 % од пациентите).
Фактори кои предизвикуваат појава на фиброза се:
-пушење
-вирусни инфекции
-честа изложеност на загаден воздух од околината (издувни гасови, пареа и прашина)
-гастроезофагеална рефлуксна болест (враќање на желудечна киселина во грлото која може случајно да се вдише)
-одредени лекови, на пр.хемотераписки, антиинфламаторни и некои антибиотици како блеомицин и нитрофурантоин
-болести како склеродерма, воспаление на бели дробови и други белодробни болести
СИМПТОМИ
Симптомите за белодробна фиброза не се препознаат веднаш по развојот на болеста. Кај некои луѓе симптомите се јавуваат многу брзо, а кај некои луѓе симптомите се развиваат со месеци. Поради тоа се вели дека симптомите некогаш се „подмолни“.
Симптомите се:
-недостиг на воздух или задишување и при најслаба физичка активност
-сува кашлица
-умор и слабост
-непланиран губиток на тежина
-задебелување на прстите
-помодрување на кожата поради недостиг на кислород
Важно е навремено да се дијагностира болеста за да се спречи понатамошен развој на болеста.
ДИЈАГНОЗА
Симптомите и знаците понекогаш многу тешко се препознаваат. Оваа болест често погрешно се дијагностицира како астма, хронично опструктивна белодробна болест или слабо срце.
Дијагнозата вклучува:
-физикален преглед
-биопсија на белодробно ткиво
-рендген на белите дробови
-тестови за функцијата на белите дробови (спирометрија, пулсна оксиметрија и сл.)
*ЦТ снимка
ЛЕКУВАЊЕ
За фиброзни бели дробови не постои се’ уште соодветен лек. Некои третмани може да го успорат создавањето на фиброза, а некои можат да ги намалат симптомите.
Тоа се:
-примена на лекови (кортикостероиди, циклофосфамид, азатиоприн)
-терапија со кислород (во текот на спиење или вежбање)
-рехабилитација (вежбање, техники за дишење, нутритивно советување, едукација)
-трансплантација на бели дробови
Исто така, се препорачува сами да преземете некои чекори за да ја подобрите состојбата:
-престанете со пушење
-хранете се здраво
-одморајте често
-редовно вежбајте
-вакцинирајте се против грип и белодробни болести
КОМПЛИКАЦИИ
Белодробната фиброза може да предизвика бројни компликации. Голем број луѓе патат од белодробна фиброза, а со текот на времето им се влошуваат симптомите.
Компликации кои може да се развијат се:
-висок крвен притисок во белодробните крвни садови
-затајување на десниот дел од срцето
-респираторен застој
-рак на бели дробови
Голем број луѓе кои патат од белодробна фиброза живеат уште долги години, а само ретки случаи умираат после неколу месеци.
Како да се живее со оваа болест?
Белодробната фиброза е опасна и прогресивна болест за која сите пациенти се свесни. Поради тоа е важно секогаш да имаат поддршка од своите најблиски и од стручен тим на доктори.
Редовно разговарајте со својот лекар за вашата состојба, следете го развојот на болеста и следете го препорачаниот третман. Ако постои група за поддршка на заболени од белодробна фиброза, придружете се за да добиете соодветна поддршка.