Oва е старински колач кој личи на „лења“ пита, но за разлика од оригиналот, во овој се ставаат повеќе јајца кои го прават колачот да биде посочен, а филот е уште повкусен. Оревите се задолжителна состојка во колачот, старите домаќинки тоа го знаат, колку добар вкус даваат.




Колачот се подготвува од состојки кои сите ги имаме дома, речиси во секоја пригода, а намирниците кои ви се потребни не го оптеретуваат домашниот буџет, едноставно секој може да си го дозволи, а како резултат добивате превкусен колач.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 1 маргарин/путер (200 г), 200 г шеќер, 400 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 3 лажици џем, 150 г ситно сечкани ореви.




ПОСТАПКА: Јајцата и маргаринот треба да бидат отстојани на собна температура, пред да се започне со подготовката на колачот. Скршете ги јајцата и поделете ги на белки и на жолчки. Во жолчките додајте го омекнатиот маргарин, исечкан на коцки.




Во жолчките додајте 5-6 лажици шеќер од севкупната количина (200 г), која е напишана погоре. Започнете да ја матите смесата со миксер, додека шеќерот и маргаринот да се соединат и жолчките да почнат да се инкорпорираат.




Во посебен сад соединете ги сувите состојки: брашно, ванилин шеќер и прашок за печиво. Потоа сувите состојки се додаваат во изматениот маргарин со жолчки и тестото се соединува со помош на лажица. Тестото треба да биде компактно, малку потврдо. Поделете го на два нееднакви делови, поголемиот дел треба да биде 2/3, а помалиот дел 1/3 ставете го во замрзнувач да се стегне.




Во еден огноотпорен сад, премачкајте обилно со маргарин на дното и од страните на садот, па поголемиот дел од тестото, развлечете го со помош на прстите на дното од садот. Кога ќе го распоредите подеднакво тестото, избоцкајте го неколкупати со виљушка. 150 г ореви ситно исечкајте ги и оставете ги настрана.




Белките пенасто изматете ги со миксер, па кога ќе згуснат започнете постепено да го додавате преостанатиот шеќер. Кога ќе добиете цврст и сјаен снег кој не паѓа од садот, додајте ги оревите и промешајте ги со лажица или шпатула. На крај додајте и 3 лажици џем по ваш вкус (светол или темен) и изедначете со бавно мешање.




Кремастата смеса излејте ја преку кората во садот и добро израмнете ја. Одозгора изрендајте го преостанатиот дел од тестото, додека да се покрие целата бела површина. Колачот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 40-50 минути, во зависност од јачината на рерната. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.