Десерт во чаша од крем со млеко. Кога ви се јаде нешто специјално, а убаво, или сакате да ги изненадите вашите гости со некој навистина одличен десерт, тогаш овој рецепт е вистинскиот за вас.
Потребни состојки: 50 г мелени бисквити, 80 г путер, 6 супени лажици брашно, 800 мл млеко, 100 г шеќер, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 50 г бело чоколадо, и уште: 200 мл млеко, 1 супена лажица нишесте/густин/скроб, 100 г шеќер и 100 мл вода.
Постапка: Количините што се наведени се доволни за шест или осум десертни чаши, во зависност од големината. Во секоја чаша на дното ставете по една лажица мелени бисквити. На тивок оган во едно тенџерче растопете 80 г путер. Кога путерот ќе зоврие додајте 6 супени лажици брашно.
Брзо мешајте за да се изедначи со путерот, па пржете го 2 минути додека малку да пожолти. Потоа во него постепено започнете да додавате 800 мл ладно млеко. За цело време мешајте со жица маталка за да не се формираат грутки, а смесата да остане кремаста и мазна.
Млекото додавајте го постепено прво една половина, а потоа откако ќе се формира густ крем, разредете го со остатокот од млекото. Варете го кремот со постојано мешање додека да згусне, па додајте 100 г шеќер.
Продолжете со мешање за да се растопи шеќерот и да се соедини во кремот. Мешајте неколку минути, а потоа пред крајот додајте го и ванилиниот шеќер. Течноста треба да има конзистенција на јогурт. Додајте 50 г искршено бело чоколадо и промешајте додека тоа да се растопи.
Кога ќе започне да врие, тенџерето со кремот тргнете го на страна. Со помош на кутлача полнете ги чашите со топлиот крем. Оставете ги да се оладат на собна температура, а за тоа време кремот ќе згусне како пудинг. Откако ќе се олади, можете да го приготвите завршниот прелив.
Во еден сад со 200 мл ладно млеко додајте една лажица нишесте (густин) и добро промешајте за да се раствори и да нема грутчиња. Во сува тава истурете 100 г шеќер и на умерен оган загревајте го додека да започне да се растопува и карамелизира.
Не го мешајте, туку само протресувајте го. Штом започне да се карамелизира поголемиот дел од шеќерот, дури тогаш промешајте го со шпатула, за да може и остатокот да се растопи рамномерно. Во вака истопениот карамел најпрво додаете 100 мл вода.
Карамелот ќе се здрви и скамени, но по некоја минута мешање ќе се растопи во густ сируп. Густиот сируп од карамел пржете го уште една минута, а потоа додајте ја мешавината од млеко и нишесте. Полека промешајте додека целосно да се растопи.
Мешајте уште некоја минута, па кога целосно ќе се соедини во карамелен сируп, уште додека е топол рамномерно распоредете го по малку врз секоја чаша. Оставете да се стегне и излади околу 1 час во фрижидер, па послужете.