За ручек или вечера направете лажни ќебапи за што ви се потребни само компири и неколку зачини. Ова јадење особено ќе им се допадне на оние кои постат или што го одбегнуваат месото од било какви други причини. Со евтини состојки може да се направи многу вкусна закуска. Вака приготвените лажни ќебапи најмногу одговараат да се послужат со некој сос, а во продолжение прочитајте ги нашите предлози.




Ќебапите се едноставно јадење од мелено месо и сите ги обожаваат поради специфичниот вкус, па дури и странците кои некогаш ги пробале се враќаат за повторно да го вкусат овој наш специјалитет. Лажните ќебапи се многу поевтина, но еднакво вкусна верзија на ова популарно јадење.




Сè што треба да направите е во компирот да додадете малку зачини и брашно и ете ручек кој никој нема да го одбие. Доволно е да го послужите со сезонска салата, таратур, сос од домати со зачински билки, кечап, ајвар или што имате дома. На маж ми му е омилена закуска за со пиво, па честопати и сам ги прави. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г компири, ситно сечкан свеж магдонос или копар, сол, црн пипер и црвена зачинска пиперка во прав по вкус, 1 супена лажица брашно, масло за пржење. ЗА СОС: 150 г кисела павлака, свеж магдонос или копар, 1 чешне лук, сол и црн пипер по вкус




ПОСТАПКА: Компирот измијте го, излупете го и ставете го тенџере и прелијте го со вода. Ставете го на оган, па од моментот на зовривање варете го 15-тина минути. Не треба целосно да се свари, туку малку да омекне. процедете ја водата и оставете да се олади.




Кога компирот доволно ќе излади за да можете да го фатите со рака, изрендајте го на крупната страна од рендето. Потоа додајте ситно сечкан свеж магдонос или копар (или зачински билки по ваш вкус, мене најубав ми е магдоносот), па посолете и запиперете по вкус.




Додајте и црвена зачинска пиперка во прав и една супена лажица брашно, па промешајте добро додека да се изедначат состојките. Смесата нема потреба да отстојува во фрижидер, туку веднаш црпете од неа и обликувајте ги ќебапите. Ако ви е полесно, дланките намастете ги или натопете ги во ладна вода.




Во тиган сипете масло за готвење колку да се покрие дното и уште малку, па вклучете да се загрева на умерена температура. Спуштајте ги лажните ќебапи и пржете ги по неколку минути од сите страни, додека убаво да заруменат.




Вадете ги врз хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија. Послужете ги со сос од кисела павлака во која сте додале ситно рендано лукче, свеж магдонос и зачини по ваш вкус. Послужете ги топли или ладни, секако се вкусни. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.