Ова е многу вкусен колач, целиот кремаст со богат вкус на банани и домашен карамел, за мене еден посебен вкус, мора да признаам..Рецептот неодамна го пронајдов во едно списание, па одлучив да го испробам. Сега на сите ни стана омилен – Буба. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит: 4 јајца, 4 лажици шеќер, 100 мл масло, 10 г цимет, 1 банана, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 чаша (од 200 мл) меко брашно. За фил: 300 г шеќер, 200 мл слатка павлака, 150 г путер, 200 г шлаг во прав, 250 мл млеко, 4 банани. За декорација: 1 ребро рендано чоколадо
ПОСТАПКА: рерната веднаш вклучете ја да се загрева на 190 степени. Плехот или калапот со димензии приближно 32х23 см (како половина од оној големиот од рерна) обложете го со хартија за печење, намастете со неколку капки масло и наредете на дното тркалца од банана.
Јајцата пенасто изматете ги со миксер заедно со шеќерот додека тој да се растопи и да добиете густа, кремаста смеса, па додајте цимет, масло, брашно и прашок за печиво. Сè убаво промешајте со бавна брзина на миксерот или најдобро рачно, со превртување на лажицата/маталката за да биде смесата пенлива. Потоа, излејте ја во приготвениот плех и израмнете.
Ставете да се пече во загреаната рерна 15-тина минути, но секако најдобро е да проверете со чепкалка (ако излезе сува, значи дека бисквитот е печен). Извадете го и оставете го целосно да се олади. Потоа, при филувањето, доколку сакате, бисквитот можете да го натопите со малку млеко за да биде посочен (не треба според оригиналниот рецепт).
Прво загрејте ја слатката павлака да биде топла, но внимавајте да не ви зоврие (ќе го смени вкусот). Во тенџере со средна величина ставете го шеќерот и загревајте го на умерена температура додека да се стопи и да се карамелизира. Веднаш намалете ја температурата на најниско.
Тргнете го тенџерето малку од ринглата и во карамелизираниот шеќер полека додавајте ја топлата слатка павлака мешајќи цело време. Вратете го тенџерето на рингла и продолжете со готвење непрекинато мешајќи додека карамелот да ја добие потребната густина (8-10 мин).
Тргнете го тенџерето од оган и во топлиот крем-карамел додајте го путерот исечен на ленти, па убаво промешајте додека да се растопи и инкорпорира во карамелот. Вака приготвениот карамел-крем оставете целосно да се олади до собна температура.
ЗА ФИЛ: Шлагот во прав изматете го заедно со млекото додека да згусне, па додајте половина од изладениот карамел-крем и повторно убаво изматете со миксерот додека да добиете фин и мазен пенлив крем.
Од печениот бисквит внимателно отстранете ја хартијата, па вратете ја во плехот во кој се печеше. Врз коратананесете го кремот од карамел и шлаг и израмнете. Врз површината наредете тенки тркалца од банана.
Одозгора премачкјате (прелијте) со преостанатиот карамел. По желба, со помош на виљушка на неколку места направете бранови како „шари“ и одозгора наросете со рендано чоколадо или чоколадни трошки.
Колачот добро изладете го, а најдобро е да остане во фрижидер преку цела ноќ. Следниот ден сечете го на коцки. Само да додадам еден совет, вториот пат кога го правев, ја зголемив количината на млекото и шлагот.
Значи 300 г шлаг во прав и 300 мл млеко и тогаш ми излезе уште посовршено. Доколку за ваш вкус е премногу слатка, тогаш намалете ја количината на карамелот. Како и да го направите овој колач, нема да погрешите. Кој сака, овој колач може да го приготви и во калап за торти, прекрасно излегува и така. / Буба86 / Сооlinarika.сom