Порано кога нашите баби немаа многу намирници за да готват богати јадења, тие сепак, секогаш наоѓаа начин како од евтини состојки да направат нешто вкусно. Топлината и посебниот вкус на јадењата секогаш излегуваше од вештите раце на баба, па макар и да е направено од неколку едноставни состојки.




Иако сега може да се експериментира со јадењата, со тоа што можностите дозволуваат повеќе, сепак секогаш ќе ни останат при срце јадењата на нашата бабичка. Ако некогаш немате многу време да подготвите богат ручек, направете го ова лесно и едноставно јадење со ориз.. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 30-50 г путер, 200-300 г замрзнат зеленчук по желба, 200 г ориз. Од зачини ќе ви бидат потребни вегета, црн пипер, сол и уште ќе ви биде потребно вода. ПОСТАПКА: Во тавче растопете 30-50 г путер. Додајте ја смесата од замрзнат зеленчук по желба, од 200 до 300 г.




Обично во мешавините од зеленчук има морков, грашок, пченка, но може да користите било каква мешавина. Пропржете го зеленчукот на умерена температура околу 3-5 минути. Потоа додајте околу 200 г ориз кој претходно сте го измиле на неколку наврати.




Зачинете по вкус со сол, вегета и црн пипер, отприлика ставете 1/2 лажичка сол, 1 лажичка вегета и прстофат црн пипер. Промешајте и динстајте една минута. Прелијте го зеленчукот и оризот со 300 мл вода и варете додека да се свари оризот, колку што е потребно, околу 20-тина минути.




По изминатото време, проверете дали оризот е сварен и ако не е, додајте уште малку вода и продолжете со готвењето додека да ја добиете саканата мекост на оризот. Ако сакате оризот на крајот да ви биде покремаст, додајте околу 30 г путер или една рака рендан пармезан. Во продолжение прочитајте уште еден старински рецепт за ориз тава-пита, кој ќе ве потсети на детството:




ОРИЗ ТАВА ПИТА – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар вода, 2 коцки за супа, 1 лажичка сол или по вкус, 1 лажичка црн пипер, 1 лажица куркума, 400 г ориз, 100 г путер, 500 г кашкавал, 400 г кисела павлака и ½ китка свеж магдонос (околу една рака или по вкус).




ПОСТАПКА: Во тенџере на оган ставете еден литар вода и додајте две коцки за супа. Посолете и запиперете по вкус. Во смесата додајте и полна супена лажица куркума. Промешајте за да се изедначи и да се растопат коцките супа, па кога ќе зоврие течноста додајте 400 г ориз. Додајте и 100 г путер.




Гответе на умерен оган со постојано мешање додека оризот да ја впие течноста, а потоа тргнете настрана и мешајте уште малку додека да подизлади. Во оризот додајте околу 350 г рендан кашкавал, 400 г кисела павлака и ситно сечкан магдонос по желба. Смесата убаво промешајте ја додека да се изедначи. Плех со средна величина (30х22 см) добро намастете го со путер, па во него излејте ја приготвената смеса со ориз.




Одозгора наросете го остатокот (150 г) рендан кашкавал и ставете да се пече во добро загреана рерна на 230 степени околу 20 минути, односно додека да фати коричка. Фото и рецепт на Том Филос. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а од вториот рецепт ОВДЕ.