Фото и рецепт: Зорица Наумовска

Овој рецепт за џем од лубеница ни го претстави нашата драга членка Зорица Наумовска во групата НМД рецепти.

“Лубеницата не ми се погоди, па си направив нешто како пекмез, а рецептот ми е од сосетката Елмаза, тие така прават во Турција. Се сечат парчиња од лубеница, се лупи зелениот дел и се сечка ситно. Се става во тенџере и се вари со половина филџан вода, додека да омекнат.

Од црвениот дел се вадат семките, па и тој се сечка ситно. Се додава во претходно сварениот зелен дел од лубеницата и се продолжува со варење додека сето да омекне.

Се трга на страна малку да излади, па се блендира или се меле со рачен миксер, па смесата се враќа во тенџерето. Се додава шеќер по вкус и се вари додека да згусне. Малку се става на тацна, па се остава во замрзнувач да се провери дали е густо.

Бидејќи лубеницата нема мирис како другото овошје, се додаваат две ванили. Врело се собира во врели теглички.

Потребни состојки:

3 кг исчистена од семки лубеница и исечкана ситно
2,5 кг шеќер
3 непрскани лимони
2 непрскани портокали
3 стапчиња ванила или ванилин шеќер
3 ракиени чашки рум

Постапка:

Во еден поголем сад ставете шеќер, сок од лимон и портокал, малку лимонова кора, ванилин шеќер и 200 мл вода, па ставете на оган да зоврие. Потоа намалете на тивко и варете уште 20 минути.

Додадете ја исчистената и на ситни коцки исечканата лубеница, па варете долго, додека да згусне. Ставете малку на тацна, оставете да излади, па ако е доволно густо значи дека е готово. Пред крајот додадете го румот.

Наместо долго готвење, може да додадете и желатин, па откако ќе се вари приближно околу половина час, додадете 4 кесички желатин помешани со 4 лажици шеќер. Внимателно промешајте за да не се згрутчи и откако ќе зоврие, варете уште 3 минути.

Врелиот џем се собира во врели тегли кои претходно еден час сте ги загревале во рерна на 100 степени или половина час на 200. Тегличките веднаш затворајте ги и превртете ги наопаку 10 минути, па вратете ги назад и оставете ги да се изладат.