Рецепт на Јеца од Јеца Сваштарица. Посен бурек – најдобриот и највкусниот кој некогаш сум го јадела. Овој бурек нема да го најдете во ниедна бурекчилница. Превкусен е, а се подготвува многу лесно и брзо.
Никогаш повеќе нема да отидете да купите бурек, бидејќи откога ќе го пробате овој рецепт, ќе видите дека нема поубав. Се подготвува со готови кори, а на вас останува да го подготвите само филот.
Филот е посен и се подготвува од само неколку состојки и е идеален за престојните посни денови. Но, исто така може да го подготвувате во текот на целата година и без да постите.
Потребни состојки: 500 г тенки кори. За филот: 2 средни главици кромид, 2 компира, 400 г шампињони печурки, 3 лажици масло, сол, црн пипер, вегета. За премачкување на корите: 300 мл газирана вода, 100 мл масло.
Постапка: Ситно исечкајте ги двете средни главици кромид, а потоа додајте ги во претходно намастено и загреано тавче на рингла со 3 лажици масло. Во запршката додајте 1 кафена лажичка сол и оставете кромидот да се пропржи околу 2 минути.
Потоа изрендајте 2 средни компири и додајте ги во запршката со кромидот. Јас ги рендав на покрупното ренде. Промешајте ја смесата и оставете уште 2 – 3 минути компирот да се пропржи.
На крајот, во тавчето додајте ги печурките. Зачинете со 1 кафена лажичка црн пипер и 1 лажичка вегета и промешајте ја запршката со се зачините. Зеленчукот се остава да се пржи уште 2 – 3 минути.
Потоа тргнете го тавчето од рингла и во чаша подгответе масна течност за премачкување на корите. Во чашата ставете 300 мл газирана вода и 100 мл масло. Со лажичка промешајте ја течноста, а потоа со кујнска четка за премачкување, намастете ги корите кои ќе ги редите во тепсијата.
Земете една тркалезна тепсија и добро намастете ја со масло на дното и по страните. Може да ја употребите кујнската четка за подеднакво премачкување на тепсијата. Мојата тепсија е со пречник 26 цм, но каква големина и да имате ќе ви послужи.
Потоа започнете да ги редите тенките кори на овој начин. Ставете една кора на половина од тепсијата така што едната половина ќе ја опфаќа тепсијата, а другата кора ќе се излева надвор од тепсијата.
Повторете ја истата постапка и со останатите три кори кои е потребно да ја исполнат целата тепсија до половина, а со преостанатата половина да се излеваат од сите страни на тепсијата. Потребно е од сите страни да има по една кора.
Потоа, на дното ставете една кора која ќе ја превиткате на четири делови да добие форма на квадрат. Оваа кора ставете ја на средината на тепсијата. Оваа кора премачкајте ја со претходно подготвената смеса од масло и газирана вода.
Повторете ја постапката и ставете уште една кора во форма на квадрат на дното, како и претходно. И оваа кора премачкајте ја со течноста. Одозгора ставете уште една кора на средината на тавчето и краевите прилепете ги на страните на тепсијата.
Оваа кора треба да ја ставите исто како што ставате хартија за печење при подготовка на разни печива. Премачкајте ја и оваа кора со мешавината од масло и газирана вода. Оваа мешавина често треба да ја користите при подготовка на бурекот, за бурекот да биде сочен и мек.
Поделете го филот на три еднакви делови и првиот дел ставете го на последната кора која ја ставивте во тепсијата. Подеднакво распоредете го на сите страни, а потоа повторете ја постапката со редење на корите.
Врз филот, ставете две кори и двете премачкајте ги со масло, а врз третата кора ставете го вториот дел од филот. Повторувајте ја постапката на ставање на корите уште еднаш додека да го потрошите филот и корите.
Потребно е убаво да ги премачкувате сите кори со мешавината за бурекот да не излезе со суви кори. Кората што се става врз последниот дел од филот е потребно да ја распоредите на целата површина на тепсијата, а краевите да ги вметнете помеѓу страните.
На крај, само превиткајте ги корите кои висат од надворешната страна, односно корите кои први ги ставивте во тепсијата. Превиткајте ги кон средината, така што тие ќе бидат завршниот дел од бурекот. Потребно е и овие кори да ги премачкате со течната мешавина.
Во претходно загреана рерна на 180 степени, печете го бурекот 30 – 40 минути, додека да фати убава златно-кафеава боја на кората. По печењето, превртете го бурекот во чинија или кујнска даска на рамна површина, така што страната која се печела на површината треба да дојде одоздола.
Пресечете го бурекот на четвртини и осмини и послужете им на домашните. Бурекот е толку многу вкусен и одличен е во комбинација со јогурт. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
Коментар од читатели: „Бурекот е прва лига, јас би го јадела и деновите кога не се пости, браво!“ „Воодушевена сум од рецептот, не можев да дочекам да го направам, а за среќа ги имав сите состојки дома“ – Драгослава. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска