Во нашата група еден од омилените рецепти е токму оној за намазот од лук, попознат како „Охридско макало“. Совршено одговара како додаток со печена риба, но и со било кое друго јадење. Толку е вкусно што дури може и „така“ да се јаде или да се мачка на леб.
За првпат во нашата група рецептот го промовираше нашата драга членка Ленче Георгиева која детално ја објасни постапката. Нејзиниот рецепт го испроба нашата драга Марика Миниќ и беше воодушевена и презадоволна од резултатот. Таа напиша:
„Ленче Георгиева, ти благодарам за рецептот за Охридско макало. Излезе многу убаво како мајонез…густо и многу вкусно. Го приготвив на следниот начин: 4 главици лук се чистат и се ставаат во блендер. Во лукот се додава 1 лажичка сол и 150 мл врела вода.
Се блендира да се изедначи, а потоа постепено малку по малку се додава 500 мл масло за готвење. Со миксер треба добро да се изработи (малку подолго време). На крај се цеди половина лимон, а сокот исто така се додава постепено додека постојано се мати“, објасни Марика.
Во продолжение прочитајте го оригиналниот рецепт за Охридско макало на Ленче Георгиева, и уште еден, сличен начин на подготовка на ова макало. Доколку и вие сте љубители на ваквите намази, не двоумете се и направете го овој деликатес. Потребно е само да бидете трпеливи со матењето…
Охридско макало или намаз од лукче, толчени ореви и оригано, вкусно и незаменливо за љубителите. Фотографии и рецепт на Ленче Георгиева-Михајлова – Охридско макало.
Овој рецепт ни го презентираше нашата драга членка Ленче Георгиева-Михајлова во групата НМД рецепти и ни откри како се приготвува оригиналното Охридско макало. Посно и многу вкусно макало за сите љубители на лукот. Одлично одговара со интегрален леб или во комбинација со риба и други јадења. Кој пробал-знае!
Потребни состојки: 4 главици лук, 1 лажичка сол, 150 мл вода, 500 мл масло, ½ лимон – сок. Додатоци: печени и толчени ореви, оригано, сечкани маслинки
Постапка: лукот убаво исчистете го, а потоа ставете го во блендер заедно со една лажица сол и 150 мл вода, па убаво сомелете го. Може и да се истолчи. Потоа постепено, капка по капка, во многу тенок млаз се додава 500 мл масло и сок од половина лимон. Постепено се обработува/блендира додека да се згусне, за што е потребно доста време.
На крај добиената смеса по желба можете да ја поделите, па во едниот дел да додадете печени толчени ореви, а во друг дел да ставите оригано или ситно сечкани маслинки.
Сличен намаз на охридското макало е и либанското макало наречено Тоум, а кое ни го претстави Билјана Ристиќ, за кој таа напиша:
“Моите три најдобри другарки и јас сакавме кога ќе се најдевме заедно да одиме во либанскиот ресторан. Некако вкусовите ни беа блиски на нашите традиционални јадења и за секого може нешто да се најде. Разно мезе, многу освежителни салати со неизбежните ражничи, разни пити и лебови и многу смеење со чаша квалитетно вино, ми го стоплува срцето.
Еден од омилените сосови е и либанскиот сос од лук бидејќи морам да признам дека сум голем потрошувач на истиот. Па така, кога сакам да бидам асоцијална – потегнувам по теглата со овој бел крем.
Практично е што може да стои во фрижидер 3-4 месеци и да го замени лукот во речиси секаква пригода. Најмногу одговара со риба на скара, зеленчук, сремско сирење, разни дресинзи, месо на скара, брускети и останати печива… добиваат посебна нота доколку нанесете лажичка од овој крем”.
Потребни состојки: 3-4 главици лук, 1 лажичка сол, ½ лимон сок, 3-4 шолји (од 200 мл) неутрално масло
Постапка: излупете го лукот и оставете го половина час во ладна вода за да не биде сосот многу жесток. После тоа процедете го лукот од водата, додадете лажичка сол.
Изблендирајте го лукот додека да се добие хомогена смеса (како на фотографијата). Потоа со супена лажица полека наизменично додавајте го маслото и лимоновиот сок, блендирајќи ја смесата помеѓу додавањата.
Полека се добива емулзија како при приготвување на мајонезот. Полека додадете го и остатокот од маслото додека да постигнете кремаста бела структура. Префрлете го сосот во тегличка која ќе ја чувате во фрижидер и првиот ден покријте ја со хартиена салветка или памучна крпа. Следниот ден затворете ја со капак.