После 34 дена на респиратор, Горан изгубил 38 кг, но успеал да се врати во живот и да го победи вирусот.

Горан Стевановиќ од Ниш за 2,5 месеци болничко лекување од заразната болест ковид19, ослабел дури неверојатни 38 кг.

Наместо него дишела машина, а тој бил во “вештачки сон”. Овој 54-годишен човек успеа да ја преживее една од најтешките борби кои досега се воделе на Инфективната клиника во Ниш.

“Верував во себе”, вели тој во интервју за Anadolu Agency (AA), 2,5 месеци откако повторно започнал да дише со сопствените бели дробови.

Во болница поминал вкупно 74 денови и за тоа време ослабел неверојатни 38 килограми. Освен што денес “малку го болат зглобовите”, тој генерално се чувствува добро.

На почетокот од разговорот нагласува дека може да говори само за оној период од лекувањето на кој се сеќава. “Првата седмица бев на кислород. Пред тоа добив висока температура и гушење, имав недостиг на воздух. Потоа дознав дека вирусот ми ги зафатил белите дробови, па така уште на самиот старт ми беше вклучен кислородот.

Таа една седмица, лекарскиот тим и медицинскиот персонал се обидуваа со кислород да ги надокнадат штетите предизвикани од вирусот, а 7-8 дена после тоа, на 1.април бев интубиран и бев во кома”, започнува Горан.

КИСЛОРОДНАТА ПОДДРШКА БИЛА НЕДОВОЛНА

Кислородната поддршка станала недоволна и тоа го сфатил еден ден според однесувањето на медицинските сестри и лекарите, кои инаку константно ги следеле параметрите на мониторот над неговата глава.

“Според нивните движења и потези сфатив дека ми ја подготвуваат машината на која имаа намера да ме приклучат. Ме разбудија и ме симнаа од неа после 34 дена, а будењето траеше… Јас се сеќавам дека уште една недела бев малку како во некое бунило, во некој сон, па така јас всушност не се сеќавав на ништо цели 40 денови”, говори Горан.

А, таа машина, респиратор или механички вентилатор, како што објаснуваат лекарите, служи за да ги вентилира белите дробови, го грее воздухот и му дава одреден процент на кислород, со што заспиениот пациент, кој повеќе не е во состојба самостојно да дише ниту со максималниот проток на кислород, добива на време да му се подобри белодробната функција.

Кога сфатил што го чека, Горан успеал да остане прибран.

“Во тој момент немав страв. Мислам, не ми беше сеедно, бидејќи знаев дека ставањето на респиратор е многу ризично, но некако имав самодоверба и верба во себеси.

Претходно немав боледувано од никакви болести, немав никакви проблеми од друг вид, речиси 30 години се бавев со спорт, фудбал и рекреација. Ете, верував во себе дека на крај сепак ќе се изборам и така излезе”, вели Горан и ја истакнува големата пожртвуваност на медицинскиот персонал кој се бори за секој пациент.

“И лекарите и медицинскиот персонал даваат сè од себе, не само за мене, туку за сите кои можев да ги видам и слушнам”, вели Горан.

После 74 дена постојано лежење во болнички кревет, со ослабен организам и намалена мускулна маса, требало повторно да стане и повторно да оди. Ова побарувало дополнителен напор, вежбање, упорност и позитивно размислување, што на Горан, како на бивши спортист, не му недостигало како карактерна особина. На 3.јуни, кога бил испратен дома, тоа било празник за целото негово семејство.

“Дома си е дома, атмосферата и опкружувањето си придонесоа сега да се чувствувам добро и тој напредок во опоравувањето оди во навистина добар правец, бидејќи сепак, да ги поминеш 74 дена во една иста положба е премногу за секој човек. Сите резултати ми се добри. Секој ден вежбам, имам апарати, а и самиот работам со помош на сопругата”, раскажува Горан.

За периодот во болницата на кој тој не се сеќава, го раскажува неговиот лекар Стево Станиќ, специјалист анестезиолог – инфектолог, началник на Интензивното одд.

“Тоа беше пациент кој дојде со дијагноза ковид19. Прво беше на кислород, но му се влоши состојбата. Кога гледате дека тоа не помага, ја добил целата терапија, а состојбата постојано се влошува, веднаш реагирате. Беше симнат во единицата за интензивно лекување, со уште поголем проток на кислород, со дополнителна терапија за поддршка со имуномодулатори.

Меѓутоа и натаму му се влошуваше состојбата, почна да се влошува и кардиоваскуларната функција и тоа беше моментот кога одлучивме дека тој мора да оди на механичка вентилација” – раскажува д-р Станишиќ.

Појаснува дека респираторите им помагаат на оние пациенти на кои дишењето, како витална функција, сосем откажало, па поради тоа тие се на “ивица на смртта”. Со помош на респираторот се “купува време”, односно му се дава можност на имунолошкиот систем да го спречи процесот во белите дробови и во тоа да помогне терапијата.

“Ова воопшто не е лесно, бидејќи ние немаме каузална терапија за ковид19 и тоа кај ваква најтешка форма која се манифестира со откажување на белодробната респираторна функција.

Огромна е смртноста кај овие пациенти, бидејќи тоа фактички претставува еден вид на продолжена реанимација. Тоа не е волшебен лек, па секој секој кој ќе набави респиратор, ќе биде успешен. Второ, респираторот бара една цела огромна инфраструктура, соба за критично болни пациенти, кревет, мониторинг, одличен персонал, врвна опрема, врно опремен кадар, од среден кадар па до лекар, кои мораат да бидат професионалци во ракувањето со респираторот”, говори д-р Станишиќ.

Докторот нè потсетува на статистиката од Њујорк каде смртноста на ковид пациентите кои биле на механичка вентилација изнесува 90%. Тој смета дека тоа сепак е успех бидејќи “луѓето кои веќе тргнале по патот од кој нема назад, каде дошло до тешко оштетување на дишните функции, сепак сте успеале 10% од нив да ги спасите”.

Кога станува збор за терапијата на таквите пациенти, вели дека “се обидува со сé, со сите можни лекови”.

“Со т.н. имуномодулатори, како имуноглобулини, кортикостероиди, потполна терапија. Тие пациенти ги храниме бидејќи се во непрекинат сон. Ги храниме преку сонда или венски раствор, непрекинато им даваме анестетици, релаксанти, потребна тоалета, полна нега… понекогаш тоа трае доста долго”, раскажува овој лекар.

Во случајот со Горан Стевановиќ, таквата “макотрпна работа на персоналот” траеше повеќе од еден месец.

“Тоа буквално беше борба со болеста – еден ден подобрување, па вториот ден влошување. Па потоа фебрилност и компликации. Секоја долготрајна вентилација носи компликации. После 10-15 дена сè уште беше неизвесно. Тој еден миг беше подобро, а веќе следниот полошо. Од 20.ден дојде до дефинитивно подобрување и ние подоцна успеавме да го извадиме од респираторот”, раскажува д-р Станишиќ.

Закрепнувањето на својот “драг пациент” го следел и натаму, 1,5 месец и по отпуштањето од болница.

“Успешно преброди сè, излезе како победник од нерамноправната борба со вирусот и се врати дома кај своето семејство, во својот дом. Веќе речиси 20-тина денови сосем нормално се движи, без помагала.

Сигурно уште го болат зглобовите, треба да се врати мускулната маса, треба да се врати старата подвижност. Меѓутоа, тој е борец, тој е бивши спортист, па така тоа за него нема да претставува проблем. Дури возел и автомобил, па така, тоа е право задолство”, раскажува д-р Станишиќ.

Додава дека за жал, кај критично болните пациенти, чести се случаите каде лекарите се немоќни да помогнат. Тука нема лесни победи и има многу неуспеси. Затоа, за д-р Станишиќ и неговите колеги, исходот од Горановото лекување е посебно значаен. Благодарение нему, и самите тие во борбата со тешката болест, се почувствувале како победници, и како што вели, добиле сила и волја да бараат нови решенија за ковид19.

“Тоа се моменти кои со ништо не можат да се надополнат. За нас, најголемо признание и задоволство е кога ќе го видите човек кај кој сте успеале, со своето знаење, труд и ангажирање, да му помогнете да се врати дома и да биде жив и здрав”, заклучува д-р Станишиќ.