“Како рамни по нарав на апостолите и учители на словенските страни, богомудри Кириле и Методие, молете Го Господарот на вселената да ги утврди сите словенски народи во православие и едномислие, да го смири светот и да ги спаси душите наши.”
Ha овој ден именден чекаат: Кирил, Кире, Кирче, Киро, Методиј, Мето, Методи, Методија, Кирила, Кира и сл.
Bo Дебарско-кичевската епархија како селска слава се прославува во с. Песочан, каде што и црквата го носи нивното име. На денот се креваат и околу дваесеттина славски лебови, а уште десеттина во домовите во Охрид, каде што се празнуваат како домашна слава.
Bo црковниот календар светите браќа Кирил и Методиј се именувани како рамноапостолни, поради своите заслуги кон сите словенски народи.
Празникот на светите Кирил и Методиј во Македонија се прославува како државен празник и ден на словенската писменост и култура. Има повеќе новоизградени цркви не само во Македонија, туку и во дијаспората што го носат името на двајцата браќа.
Празникот посветен на светите браќа Кирил и Методиј за првпат бил востановен во Русија, во 1863 година, како ден на сесловенската писменост, и тоа за време на прославувањето на илјадагодишнината од словенската писменост.
На Балканот, во преостанатите словенски земји и во Македонија празникот официјално започнале да го прославуваат нешто подоцна.
Токму за тоа, дека станува збор за релативно нов празник, ни говорат и некои од записите на познатите собирачи на македонскиот фолклор.
Така, според записите на Марко Цепенков во градот Прилеп, во неговото поблиско минато, празникот посветен на светите браќа Кирил и Методиј го прославувал тутунџискиот еснаф, но кога овој еснаф се растурил поради основањето на монополот во Прилеп, празникот започнал да го празнува прилепскиот брашнарски еснаф.
Воедно, Марко Цепенков во своите записи го наведува тоа дека станува збор за нов празник, а истотото го наведува и Стеван Тановиќ, кој вели дека во Гевгелиско овој празник бил новововеден и дека од неодамна започнале да го празнуваат.
Денес, во Македонија, освен тоа што најпознатиот универзитет го носи името на овие браќа, „Свети Кирил и Методиј”, денот се празнува и како празник на сесловенските просветители, а ce слави и како именден на оние кои ги носат имињата на двајцата браќа.