Италијанскиот леб – фокача очигледно стана многу популарен низ целиот свет поради неодоливиот вкус. Ова лепче има тенка крцкава коричка, а во внатрешноста е многу меко и исполнето е со големи меурчиња. Кога го видов рецептот на каналот „Дневникот на масата“, решив веднаш да го направам, бидејќи бев убедена дека ќе излезе феноменален. Резултатот беше поголем од моите очекувања.
Подготовката на лебот е многу едноставна, не бара долго месење, речиси воопшто не бара месење. Италијанската фокача е моментално многу попyларен рецепт и интересно е тоа што филот може да се прилагодува според сопствен вкус, овојпат ќе го прочитате рецептот за фокача со лук, за мене оваа е највкусна. Еве што ви е потребно за да ја подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 260 г брашно, 200 мл вода (1 чаша), 15 г маслиново масло (1 голема лажица), 4 г сол, 2 г квасец (1 мала лажица). ЗА ФИЛОТ: 70 г лук (10-12 чешниња), 20 г маслиново масло, малку сол и црн пипер.
ВАЖНИ СОВЕТИ: Постојат многу начини да се направи фокача. За мене највкусна е фокачата која е печена на висока температура каде се добива пржен ефект на коричката. Загревањето на рерната е неопходно. Печете додека да стане крцкава, времето на печење може да варира во зависност од рерната.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад истурете ја водата која треба да биде на собна температура, па додајте го сувиот квасец. Протресете го садот за да се соединат водата и квасецот или промешајте, па започнете постепено да ги додавате брашното и солта, на неколку наврати. Соединувајте го тестото со шпатула или со лажица. Не се препорачува месење со раце бидејќи ова тесто е поразлично од она за печива, излегува лепливо, мокро и лесно се распаѓа.
Во соединетото тесто, односно кога брашното ќе се соедини во состојките, се додава маслиновото масло. Продолжете да го соединувате тестото додека маслото целосно да се впие, за што ќе биде потребно неколку минути. Соединетото тесто покријте го со пластична фолија и оставете да стасува 30-тина минути, на топло место.
По изминатото време, започнете да го диплите тестото (не се меси и не се вади од садот каде што сте го замесиле). Со влажни, водено раце, фатете го тестото од едната страна (замислете го како квадрат) и развлечете го нежно сосем малку, па преклопете го кон средината. Истото повторете го со останатите три страни. Потоа покријте го со фолијата и оставете го да стасува уште 20 минути.
Постапката се повторува уште трипати на истиот начин и помеѓу секое диплење се остава да отстои 20 минути. Откога ќе завршите со третото диплење, покријте го тестото со фолија и оставете го да отстои преку цела ноќ во фрижидер. Значи тестото прво ферментира на топло, па потоа на ладно неколку часа.
Следниот ден намастете еден плех со средна вличина и ставете го тестото на средина. Повторете ја постапката на диплење за да се формира правоаголник, а потоа превртете го од другата страна. Оставете да отстојува уште 20-тина минути.
По изминатото време, развлечете го тестото уште малку со рацете додека да се обвитка целиот плех, па сосе плехот оставете го во исклучена, ладна рерна да стасува уште 1-2 часа. Ова е последната ферментација.
ЗА ФИЛОТ ОД ЛУК: Излупете ги чешнињата лук и исечкајте ги на тенки листови со остар нож. Ставете ги во едно помало тавче, додајте малку сол и црн пипер и прелијте со 1-2 лажици маслиново масло. Ставете го тавчето на рингла вклучена на ниска температура и пржете додека лукчето да ја пушти својата прекрасна арома, да не потемни. Потоа оставете да се излади.
Стасаното тесто после ферментацијата треба да биде многу пораснато низ целиот плех. Со намастени раце со маслиново масло правете вдлабнатини со прстите директно во тестото додека да почнат да излегуваат големи меурчиња од него.
Одозгора намастете со уште малку маслиново масло, па помеѓу меурчињата прелијте го испрженото лукче. Фокачата се пече во претходно загреана рерна на 230 степени околу 20-25 минути, во зависност од рерната.
Иако ова тесто нема многу месење и се подготвува многу лесно, сигурно забележавте дека поминува низ неколку ферментации. Всушност заради тоа тестото е исполнето со многу меурчиња кои при печење стануваат многу крцкави. Сфатив дека има подобар вкус кога фокачата е малку потенка отколку кога е предебела. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.