Д-р Александар Митов е магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето.
Дипломира медицина на Медицинскиот факултет во Скопје како првенец на генeрација.
Магистрира јавно здравје на кипарскиот институт на Harvard School of Public Health, а подоцна завршува магистерски студии за политики за животна средина во Кембриџ, Велика Британија.
Интересот на Д-р Митов за исхраната започнува веднаш по завршувањето на медицинските студии.
Учејќи за епигенетските влијанија на околината, тој се фокусира на интеракцијата помеѓу гените и животната средина, а особено нутригенетиката.
Тој е активен на социјалните мрежи и постојано предупредува за ризиците од лошата исхрана, а особено од аерозагаденоста и животната средина врз целокупното здравје на човекот.
Во својот последен статус се осврнува на актуелниот проблем со кој се соочуваме и апелира до актуелната власт што поскоро да изнајде соодветно решение, бидејќи со одминување на времето, катастрофалните последици по здравјето се непоправливи…
А.Митов: “Загадувањето е преважна тема за да остане заробена во муабетот: „ – вие 11 години не го решивте, ИЛИ – вие, пак, за 2 години ни план на хартија не напишавте”.
Дополнително, преважна тема е за да се препушти на Дураку, Макрадули, Шилегов (но, ете, се нафатиле самите)…
Да ги оставиме за миг обвинувањата и да се насочиме кон РЕШЕНИЕ.
Мора да се добие помош од надвор, од некој кој знае што и како да направи.
Порано нудев преку дописи, сега преку ФБ : побарајте помош од Харвард.
Шефот на одделот за загадување на воздухот, проф Кутракис, добро е запознаен со нашиот проблем. Дури тој изготви план на активности од каде да се почне.
Ако треба планот нека биде проект помеѓу Харвард и МАНУ, Владата само нека дава поддршка и спроведување на мерките, и да не зависиме дали овој или оној е министер.
Кој и да е на власт – планот нека си тече!
Ако сумата остане слична како што беше и порано – смешна е.”
Од претходните анализи и предлози на докторот за решавање на проблемот:
“Знаејќи дека и јавноста и политичарите темата за аерозагадувањето ги засегнува само во зимските месеци, се демотивирав да пишувам на таа тема. А и се’ што сум имал да предложам – веќе сум предложил.
Но, еве уште еднаш:
– најголемиот дел од проблемот го создава загревањето на домовите. Придонесуваат и сообраќајот и индустријата, но не колку загревањето на дрва (и други работи). На тоа укажуваат неколку парцијални и нецелосни студии кои се направени. За да се знае прецизно и јасно, ни требаат студии кои ќе траат барем три грејни сезони. Од брзање, демек, немаме време за такви студии, а да почнеа во 2013 досега ќе беа готови.
Нејсе, по мое убедување, греењето е „слонот во просторијата”.
За да се справиме со греењето, требаат краткорочни и долгорочни мерки.
Краткорочните треба да се насочат кон: поефикасно и почисто горење на дрвата.
Долгорочните треба да се насочат кон греење од други горива, т.е. гасификација и топлификација.
Краткорочни мерки:
1. Влажното дрво може да произведува и до 10 пати повеќе чад од сувото.Затоа стандардот во светот е да се горат дрва ПОД 20% влага во себе. Кај нас се горат влажни дрва заради две причини: 1) такви ги продава ЈП Македонски шуми и 2) граѓаните не знаат како да ги чуваат (редат) дрвата за побрзо да се исушат.
Оттука, и мерките се логични:
– ЈП Македонски шуми навремено да ги сече и доставува дрвата (Владата да го задолжи ЈП МШ преку Акциски план, со прецизни рокови),
– да започне масовна кампања за едукација на населението за штетноста на влажните дрва и едукација како да се сушат/редат.
– и, преку цената да се стимулира дрвата да се набавуваат што порано во годината.
2. Горење во печките: дрво што тлее ем загадува, ем не загрева. Јасен оган создава повеќе топлина, а многу помалку чад. Кај нашиот народ постои заблуда дека ако долго гори дрвото – долго и ќе грее.
– едукација преку капмања и за ова, како и за домашното загадување од печките на дрва, кое кај нас никој не го мерел, а ве уверувам дека е полошо од надворешното,
3. Самите печки. Современите печки со високи стандарди речиси и не загадуваат, но ова е скапа мерка, треба да се измерат фискалните импликации. Субвенции за овие печки може да е добра мерка.
4. Стимулирање на греењето на пелети преку субвенции.
5. Масовно и редовно чистење на оџаците и едукација на населението зошто е тоа од огромна важност.
Долгорочните нека си ги смислат сами, кажав во кој правец треба да бидат 🙂
Ова се реални мерки кои ќе дадат резултати веќе следната грејна сезона. За таа цел, Владата треба на првата наредна седница да го задолжи ЈП Македонски шуми за го подготви Акцискиот план за навремена достава, и за едукацијата за огревните дрва.
И нека тргнат инспекторите по складиштата за дрва да мерат влажност – се’ ќе им стане јасно. На возилата со кои ќе одат, каква и да сакаат лепенка нека стават. 🙂 Една стара печка може да загадува колку 5 дизел камиони (извор: U.S. EPA)…”
Загадувањето е преважна тема за да остане заробена во муабетот: „ – вие 11 години не го решивте, ИЛИ – вие, пак, за 2…
Публикувахте от Aleksandar Mitov в Понеделник, 26 ноември 2018 г.