Изведена компликувана хибридна операција на торако-абдоминална аневризма на аорта со поставување на ТЕВАР
Со извршување на хибридна операција на 77-годишен пациент од Струмица во нашата клиника се спаси уште еден живот. Со комплицирана хируршка процедура а воедно и со најминимален ризик и со минимална инвазивност се обезбеди третман на торакалната аневризма на аортата на овој пациент кој итно беше упатен до нашата клиника од поликлиниката „Филип Втори“ во Струмица.
– Аневризмата почнуваше од дистаналната торакална аорта преоѓајќи од градната во стомачната шуплина преку дијафрагмата и завршување во висина на излезиштата на висцералните артериски гранки кои што ги снабдуваат со крв стомачните органи, црниот дроб, панкреасот, желудникот како и цревата.
Овој вид на аневризми е голем предизвик и за хируршки третман како и за ендоваскуларен третман со така наречена ТЕВАР процедура со пласирање по ендоваскуларен пат на аортни графи – стентови – објаснува нашиот интервенетн радиолог д-р Ѕвонко Атанасов.
На стручниот конзилиум кога се разгледуваше пациентот Академик доктор Жан Митрев даде предлог за хибриден третман на пациентот односно комбинација на хируршки третман со минимално инвазивен ендоваскуларен третман на аневризмата.
– Се донесе заклучок првин да се направи бајпасирање на висцералните артериски гранки од абдоминалната аорта бидејќи аневризмата како што споменав претходно завршуваше на ниво на нивните излезишта а за да се постави протезата потребно е да имаме безбедна дистална зона за аортниот стент којшто ќе се постави по ендоваскуларен пат преку деснатата препонска артерија – појаснува доктор Атанасов.
Пациентот веднаш по операцијата беше контактибилен и сведочеше за сето она што му се случуваше во нашата клиника.
– Јас сум Ѓорѓи Трајков и доаѓам од Струмица. Моето доаѓање во клиниката „Жан Митрев“ повеќе беше случајно. Бев на преглед во поликлиниката „Филип Втори“ во Струмица каде што преку ехо преглед ми констатираа дека имам проширена аорта.
Ми беше објаснето дека за ова не постои лек со терапија и дека морам да направам операција. Дилемата беше: Или операција или она најлошото. Јас прифатив да одам на операција. Дојдов во клиниката. Прв пат влегов во оваа зграда. Уште првиот впечаток беше фасцинантен.
Ми остана впечаток дека овде пациентите не треба да одат од врата на врата, туку, докторите доаѓаат кај пациентите и им ги прават сите испитувања. Ентереиерот, хигиената медицинската грижа се беспрекорни – вели пациентот Трајков.