Рецепт на Санела од Ариева Кујна. Домашен сладолед со врвен вкус. Секогаш ги правам овие три вкуса, многу едноставно се подготвува, а превкусен е. Повеќе никогаш нема да купувате купечки од продавница.
Ќе им се допадне и на наприбирливите гости, а во сладоледот не може да најдете замрзнато делче или мраз бидејќи не се подготвува со вода, исклучиво со млеко и тоа слатко кондензирано млеко по домашен рецепт. Рецептот за кондензираното млеко може да го најдете подолу во текстот.
Потребни состојки: 400 г слатко кондензирано млеко, 200 мл обично млеко, 3 лажици шеќер, 30 г бадеми, 100 г вишни, 2 лажици шеќер, 3 лажици вода, 1 мала лажичка густин, 400 мл смеса за шлаг, половина сникерс чоколадо, екстракт од ванила.
Постапка: Во подлабок сад додајте го кондензираното млеко, а потоа додајте го обичното бело млеко. Според рецептот за кондензирано млеко, доколку тоа млеко излезе погусто тогаш е потребно да додадете и обично бело млеко, но доколку излезе течно, тогаш прескокнете го овој чекор со белото обично млеко.
Убаво измешајте ги состојките со жица за матење. Смесата префрлете ја во пластичен сад, поклопете со проѕирна фолија и оставете да отстои најмалку 6 часа, но најдобро да отстои преку ноќ.
За подготовка на сникерс сладоледот во сад додајте 3 лажици шеќер да се растопи. Веднаш штом шеќерот се стопи, веднаш изгасете ја ринглата бидејќи не треба шеќерот да прегори. Во растопениот шеќер додајте ги бадемите и промешајте ги во шеќерот околу 1 минута на исклучена рингла.
Бадемите оставете ги настрана да се изладат со шеќерот, а во истиот сад додајте 100 г вишни, 2 лажици шеќер и 2 лажици вода за подготовка на вториот овошен вкус. Може да ставите цреши, јагоди, боровинки по избор..
Кога водата ќе проврие, варете уште 1 минута. Јас секогаш вадам 3 – 4 вишни за декорација. Останатите вишни испасирајте ги во тенџерето за да добиете каша. Во кашата со вишни додајте 1 мала лажичка густин и уште 1 мала лажичка вода.
Исклучете го шпоретот и мешајте и варете уште 1 минута. Потоа тргнете од оган и оставете целосно да се излади пред да се додаде во сладолед. Во смесата која ја чувавте преку цела ноќ во фрижидер, извадете ја малку да се одмрзне.
Во меѓувреме во сад додајте 400 мл смеса за шлаг. Доколку оваа смеса не е засладена, слободно засладете ја со 2 лажички шеќер во прав. Матите со миксер на средна брзина додека да добиете густина како смеса за палачинки.
Замрзнатата смеса од кондензирано млеко додајте ја на неколку пати, најдобро на 4 пати со постојано матење со миксерот додека смесата да се соедини. Изматената смеса поделете ја на три еднакви делови.
Најдобро да поделите во метални садови бидејќи овој метал најлесно се лади. Потребно е да отстојат во фрижидер најмалку 1 час. Во меѓувреме, карамелизираните бадеми исечкајте ги што поситно, а потоа додајте половина сникерс чоколадо ситно исечкано заедно со бадемите.
По изминатиот час, ќе забележите дека базата за сладолед е доволно замрзната и потребно е да ја промешате да се добие убава текстура. Во едниот сад додајте го сокот од вишни.
Со дрвено кујнско стапче промешајте, но не да се измешаат целосно вишните со базата туку да се направи како една шара во внатрешноста. Сочувајте малце од сокот за да го додадете на површината на овој сладолед заедно со вишните за декорација.
Во другиот сад повторно измешајте ја базата и додајте ги мелените бадеми и сникерсот. Исто малку промешајте. Во третиот сад додајте малку екстракт од ванила или ванилин шеќер и промешајте.
Трите сладоледи треба да отстојат најмалку 3 часа во фрижидер пред послужување. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
Слатко кондензирано млеко – рецепт
Потребни состојки: 300 г шеќер, 1 литар млеко (со висока масленост 3,5%).
Постапка: Користете тенџере со дебело (двојно) дно, но доколку немате во обично тенџере ставете 7 – 8 кристални камчиња, може и камчиња за декорација за млекото да не се залепи при готвење.
Ставете го шеќерот во тенџере, а потоа додајте го млекото. Мешајте отприлика 10 секунди за шеќерот да се растопи бидејќи по зовривањето не смее да се меша млекото.
Ставете го тенџерето на рингла на највисока температура и уште малку промешајте. По зовривањето не смее да мешате. Кога млекото ќе почне да се подига нагоре, намалете на половина температура.
Кога млекото ќе почне да се спушта односно пената, повремено тргајте ја насобраната пена со супена лажица. Млекото треба да се вари 1 час и 20 минути – 30 минути. Млекото полека ќе се готви, а неговата количина ќе се намалува постепено.
Кога ќе се намали количината на млекото нешто повеќе од половина, ќе забележите дека бојата започнува да се менува на млекото и да станува малку потемно. Ќе забележите дека и густината на млекото е поголема.
Тргнете го тенџерето од рингла и процедете го. Ова млеко може да го користите за подготовка на домашен сладолед и трилече. Но, оваа густина не е доволно за подготовка на други домашни торти и колачи.
За да бидете сигурни во ова, за подготовка на сладолед и трилече, измерете го млекото во сад на кујнска вага. Ако тежината е од 600 – 620 г, оваа густина е доволна за сладолед, трилече, прелив бидејќи е потечно.
Ако сакате да правите од ова млеко крем за торти и колачи, треба да се вари уште 15 – 20 минути за да се згусне уште повеќе. Тежината на ова млеко треба да изнесува од 400 – 420 грама.
Млекото при ладење ќе се згусне уште малку. Чувајте го млекото во фрижидер 1 час, а потоа промешајте го, па префрлете го во тегла. Доколку ова млеко е добро затворено, може да се користи и во наредните 6 месеци. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска