Здраво на сите, денес ќе ви ги откријам моите шест фаворитни славски предјадења кои се одлични не само по вкус, туку и по изглед. Со нив ќе ја наполните и збогатите вашата славска трпеза. Ќе ви откријам како се приготвуваат посни – мини проички, рибни ќебапи и плескавици, посна солена обланда, посни канапеи…




ПОСНИ МИНИ ПРОИЧКИ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши (од 200 мл) пченкарно брашно, 1 чаша пченично брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 2 лажичка сол, 400 мл газирана вода и 150 мл масло, 125 г мелен спанаќ, 2 полни лажици ајвар




ПОСТАПКА: Во подлабок сад измешајте ги брашната и додајте една кесичка прашок за печиво и две лажички сол, па убаво промешајте со лажица или шпатула за да се изедначи. Направете вдлабнување во средината и додајте 400 мл газирана вода и 150 мл масло. Промешајте додека да добиете хомогена смеса.




Ова е основната смеса. Одвојте од неа 4 полни лажици тесто во посебен сад и додајте 125 г мелен спанаќ. Промешајте и изедначете ја смесата. Во друг посебен сад одвојте три лажици тесто и додајте 2 полни лажици ајвар. На овој начин добивате три бои тесто: зелено, бело и црвено.




Од зеленото и белото тесто оставете по една третина за уште едно предјадење: наизменично преливајте го во намастена тепсија, а потоа со чепкалка прошарајте. Ставете да се пече 15-20 минути во загреана рерна на 200 степени. Исто така, наполнете намастени калапи за мафини и печете ги околу 20 минути на 180 степени. печените шарени проички прекријте ги со крпа и оставете ги да се ладат.




РИБНИ ЌЕБАПИ И ПЛЕСКАВИЦИ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг рибни филети ослич, 400 г компир, 1 средна главица кромид, 3 чешниња лук, 2 лажички прашок за печиво, 1 лажичка црн пипер, 1 лажичка лук во прав, 2 лажички сув зачин (вегета), 1 лажичка сол и 2 лажички скроб/нишесте/густин, 1/2 лимон и 1/3 портокал, 4 лажици презла/лебни трошки, малку масло




ПОСТАПКА: Добро измиени рибни филети (ослич) ставете да се вари околу 20 минути. Истовремено сварете 400 г излупен компир. За тоа време во „сечко“ ситно исечкајте/сомелете средна главица кромид и додајте ситно сечкани 3 чешниња лук. Со рака исцедете го сокот од кромидот. Рибата процедете ја и ставете ја во посебен сад, па додајте процеден и подизладен компир. Измиксајте ги заедно додека да се соединат.




Во смесата од компир и риба додајте 2 лажички прашок за печиво, 1 лажичка црн пипер, 1 лажичка лук во прав, 2 лажички сув зачин (вегета), 1 лажичка сол и 2 лажички скроб/нишесте/густин. На крај додајте исцеден сок од половина лимон и третина портокал. Додајте 4 лажици лебни трошки и замесете го тестото.




Со раце формирајте плескавици и/или ќебапи, па валкајте ги во мешавина од презла и црвен пипер во прав. Рерната вклучете ја на 200 степени. Плескавиците наредете ги во плех обложен со хартија за печење и одозгора секој ќебап/плескавица прелијте ја со лажичка масло. печете ги 10 до 12 минути додека да заруменат.




ПОСНА СОЛЕНА ОБЛАНДА. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г маргарин, 1 лажичка сол, 1/2 конзерва обична туна, 1/2 конзерва туна со зеленчук, 2 ситно сечкани кисели краставички, лист обланда. ПОСТАПКА: пенасто изматете го омекнатиот маргарин на собна температура, со рамна лажичка сол.

Додајте по половина од двете конзерви туна, претходно исцедени од маслото. Додајте и 2 ситно исечкани кисели краставички. Добро изматете и соединете. Поголема кујнска крпа натопете ја и исцедете ја, па во неа завиткајте ја обландата за да омекне (10-тина минути).

Пробајте го филот, па ако е потребно досолете го. Нафилувајте ја обландата и свиткајте во ролат. За да ви биде полесно, на почетокот обландата ставете ја на алуминиумска фолија. Ролатот ставете го во замрзнувач кратко време, па префрлете го во обичен фрижидер.




ПОСНИ КАНАПЕИ. РЕЦЕПТ: Половина багет леб исечете го на парчиња, па секое намачкајте го со посна паштета во тенок слој, па одозгора ставете сечкани маслинки и парчиња домати. По желба додајте и кисели краставички исечкани на тркалца. Сите детали можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.