Домашен хумус-намаз од наут. Рецепт на Практична Жена. Преубав и превкусен, може да се прави во различни варијанти. Еднаш штом ја видите постапката, веднаш ќе го запамтите рецептот.
Толку лесно се прави што ќе ви бидат потребни само неколку состојки и малку време, а потоа ќе го користите буквално за сè. Може да се мачка на леб, да се прави сос за тестенини од него, да се мачка со крекери, а убаво одговара и со месо.
Многу е вкусен, а ако почесто го правите ќе го прилагодите според ваш вкус, некој го сака посолен, а некој не, дури може да се додаваат и други состојки кои одговараат на вашите желби, но базата е секогаш иста. Хумусот може да стои до неколку дена, а наместо вештачките паштети на децата може да им го мачкате овој превкусен намаз.
Првпат пробав хумус во Турција и многу ми се допадна, а штом го најдов кај нас, не беше нешто највкусен. Конечно го пронајдов оригиналниот рецепт, а сега го правам на 4 различни начини, во зависност каков ми се јаде.
I Рецепт: Оригинален рецепт за хумус
Потребни состојки: 200 г наут (леблебија), 1 лажичка сода бикарбона, 1 лажичка маслиново масло, 1 – 2 лажички мелен ким, 1 лажичка сол, 2 – 3 лажички сок од 1 лимон, 2 лажички тахини намаз.
Постапка: Леблебијата (наут) се става да отстои во тенџере со вода и сода бикарбона преку цела ноќ. Сода бикарбоната се додава за леблебијата повеќе да омекне, но може да се додаде и за време на варењето.
Се остава да отстои исто како и кога подготвуваме грав, а следниот ден водата во која отстојала се фрла и се става нова вода да го прекрива наутот. Се става двојно повеќе вода и се вари. Доколку немате ставено сода бикарбона се вари 1 час, а доколку имате сода бикарбона се вари околу 20 минути.
При варењето ќе се прави пена и ќе излегуваат лушпите така што треба постојано да ги отстранувате. Наутот мора да биде добро сварен и многу омекнат за да излезе добар намаз. Количината на наутот ја одредувате вие во зависност од тоа колку хумус сакате да излезе, најчесто 200 г е доволно.
Сварениот наут се става во блендер, а потоа додајте го маслиновото масло, мелениот ким и солта. Количината на сол ја одредувате вие во зависност од тоа колку солено сакате да излезе. Солта може да се додаде и при крај откога ќе го пробате хумусот.
Потоа додајте го сокот од лимон и тахини намазот. Може да користите домашен или купечки тахини намаз. Тоа е намаз од сусам. Домашниот се прави многу лесно. Едноствно испржете го сусамот, внимателно да не загори, најдобро да се прави во тенџере со двојно дно.
Потоа додајте 2 лажички маслиново масло, сол по вкус, се добро изблендирајте во блендер и добивате тахини намаз. Откога ќе го додадете тахини намазот во блендер, изблендирајте ги сите состојки.
Доколку забележите дека ви фали нешто од некоја состојка, слободно додајте по вкус. Ова е рецептот за оригинален хумус намаз кој е многу вкусен, а јас ќе ви претставам уште 3 многу убави комбинации за подготовка на овој намаз.
II Рецепт: Хумус со цвекло – нема поубав
Потребни состојки: 200 г наут (леблебија), 1 – 2 лажички мелен ким, 2 – 3 лажички маслиново масло, 1 лажичка сол (по вкус), 2 лажички сок од лимон, 1 чешне бел лук, 3 – 4 лажици варено цвекло.
Постапка: Сите состојки се повторуваат, а наместо тахини намаз, додајте лук и цвекло. Смесата се блендира, а откога ќе се соединат сите состојки добивате розов хумус кој е многу вкусен.
III Рецепт: Хумус со пиперка
Потребни состојки: 200 г наут (леблебија), 1 – 2 лажички мелен ким, 2 – 3 лажички маслиново масло, 1 лажичка сол (по вкус), 2 лажички сок од лимон, 1 чешне лук, 1 црвена пиперка.
Постапка: Пиперката се пропржува и се сечка ситно. Се додава во блендерот и се блендира исто како и при подготовката на претходните рецепти. Може да ставите лута или блага пиперка по ваш избор.
IV Рецепт: Зелен хумус со босилек и други зачини
Потребни состојки: 200 г наут (леблебија), 1 – 2 лажички мелен ким, 2 – 3 лажички маслиново масло, 1 лажичка сол (по вкус), 2 лажички сок од лимон, мешавина од босилек, копар, магдонос, оригано (што и да имате од зачини) помешани со малсиново масло.
Постапка: Зачините се мешаат со маслиново масло и се прави смеса од нив. Се додаваат во блендерот како и претходните состојки. Се се блендира и се добива многу вкусен хумус со преубав мирис. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска