Постојат многу рецепти за посни колачи кои често се подготвуваат за посните слави и празниците кои следат, но оваа година местото за најдобри ситни посни колачи за свечена трпеза го доделуваме на Анета Ане која со нас ги сподели своите слатки тајни за подготовка на вкусни колачиња.




Претходно споделивме вкусни колачи од нејзината кујна кои може да ги прочитате во тесктот ОВДЕ, а во продолжение погледнете ги и останатите рецепти за посни колачиња кои се подготвуаат многу лесно и брзо.




I РЕЦЕПТ. ПОСНИ ЧОКО-БОМБИЦИ. Потребни состојки: 300 г мелена посна плазма, 200 г мелени ореви, 2 црни чоколади за готвење, 250 г шеќер во прав, 250 г посен маргарин, течен рум, 2 кесички рум шеќер, 3 лажици какао, малку исцеден сок од портокал.

Рецепт и фотографија на Анета Ане




Постапка: Во тенџере на оган го ставаме маргаринот да се растопи, ги додаваме чоколадите, шеќерот во прав, рум шеќерот и мешаме на тивок оган додека да се растопат намирниците.




Откако ќе се растопат се налеваат во сад со плазмата и мелените ореви, потоа го додаваме течниот рум, какаото и сокот од портокал за да добиеме поцврста смеса и формираме бомбици и ги валкаме во чоколадни трошки.




II РЕЦЕПТ. ПОСНИ КОЛАЧИ. Потребни состојки: 300 г посна мелена плазма, 200 г мелени лешници, 250 г шеќер во прав, 250 г посен маргарин, 2 бели чоколади за готвење, течна ванила, 2 кесички ванилин шеќер, сок од ананас.

Рецепт и фотографија на Анета Ане




Постапка: На тенџере со оган ги ставаме маргаринот, чоколадите, шеќерот во прав и ванилините шеќери убаво да се растопат. Потоа ја додаваме мелената плазма и мелените лешници, течната ванила и малку сок од ананас.

Ќе добиеме малку поцврста смеса од која ќе правиме бомбици и на крај ги валкаме во шарени мрвици, подготовката е слична како првиот рецепт.




III РЕЦЕПТ. ПОСНИ СУСАМКИ. Потребни состојки: 1/2 кг локум, 1/2 кг сусам, 200 г сечкани ореви, 10 крем банани.

Постапка: На тенџере со малку масло го пропржуваме сусамот на тивок оган, потоа го додаваме локумот и мешаме постојано додека да се растопи локумот, па ги додаваме сечканите ореви. Вака смесата ја оставаме да излади и ја делиме на 2 еднакви делови.

Рецепт и фотографија на Анета Ане

Двата делови ги расплеснуваме на најлон и на крајот ставаме крем банани и виткаме во ролат. Оставаме во фрижидер убаво да се стегне, па сечеме колачи со 2 см дебелина.




IV РЕЦЕПТ. Потребни состојки: 4 големи рамни лажици мед (120 г), 50 г шеќер, 65 г путер, 50 г чоколадо, 50 г лешници сечкани (јас ставив мелени), 50 г пропржен сусам.

Постапка: Најпрво го пропржуваме сусамот во сува тава на средна температура со постојано мешање. Потоа во мало тенџере го ставаме медот и шеќерот, мешаме додека да зоврие и веднаш ги додаваме путерот и чоколадото и мешаме да се растопат.




Сега ги додаваме пропржениот сусам, мелените плазма бисквити и мелените или ситно сечкани лешници. Мешаме до соединување. Добиената смеса веднаш ја истураме во триаголен калап обложен со стреч фолија, завиткуваме со фолијата и рамниме убаво.




Оставаме да се стегне во фрижидер (за побрзо во замрзнувач, половина час). После стегнување на смесата, со остар нож сечеме парчиња кои по желба може да се чоколадираат. Забелешка: Наместо лешници по вкус може да употребите и ореви (мелени или сечкани). За посна варијанта користете посен маргарин и посни бисквити.

Рецепт и фотографија на Анета Ане