За вас одвоивме три рецепти за многу вкусни, празнични колачи.
Крешенти
Ова е старински колач кој во последно време стана многу популарен и често се приготвува за свечените трпези.
Потребни состојки:
200 г маст (или путер)
150 г шеќер
2 ванилин шеќер
1 јајце + 2 жолчки
1 прстофат сол
350 г меко брашно
½ прашок за печиво *
2 лажици рум (може и повеќе ако некој сака)
За натопување на топчињата:
2 белки
150 г мелени бадеми или ореви, а може и лешници
За крем:
100 г чоколадо за готвење
40 г путер
Малку рум
Постапка:
Малку измиксајте ја маста, па додадете шеќер и по ред сите други состојки. Замесете меко тесто кое ќе го оставите во фрижидер покриено со проѕирна фолија, најмалку еден час (најдобро преку ноќ).
Потоа со рака кинете од тестото и формирајте топчиња со величина на цреша. Не е добро да ги правите поголеми бидејќи тестото ќе преовладува над кремот.
Топче по топче ставајте ги во белките (не треба да се матат), вадете ги со виљушка, па валкајте ги во мелени бадеми, лешници или ореви. Ставајте ги на хартија за печење на 180 степени, околу 10 минути, а најмногу до 20 минути, во зависност колку се големи.
Чоколадото за готвење растопете го (на пареа или во микробранова печка), додадете путер, а може и малку мелени лешници ако сакате да го подобрите вкусот и рум. Кога кремот малку ќе излади и стисне, се лепат по две топчиња. Се чуваат во пластична кутија со капак.
*Во рецептот додадов прашок за печиво, бидејќи тестото не ми беше доволно меко кога за првпат го правев. Со прашокот за печиво топчињата не го задржуваат обликот, туку на површината неправилно се распукуваат, но затоа се толку меки и се топат во уста.
РЕФОРМ КОЦКИ
Кој не ги пробал, не знае што пропуштил. Всушност, тоа е реформ торта во мало. Тестото се топи во уста, а нема крем кој подобро ќе си одговора со овој колач.
Потребни состојки:
6 белки
250 г шеќер
1 ванилин шеќер
250 г мелени ореви, лешници или бадеми
3 лажици остро брашно
За крем:
6 жолчки
180 г шеќер во прав
200 г путер
100 г чоколадо за готвење
Колачот се наросува одозгора со мелени ореви, бадеми или лешници
Постапка:
Белките се матат во цврст снег, се додава шеќерот и ванилин шеќерот, па се микса уште околу минута додека да се добие сјајна смеса. Мелените ореви, лешниците или бадемите се мешаат со брашното, па лесно со лажица се замесуваат во белките. Оваа смеса се дели на три еднакви делови.
Трипати се мачка хартија за печење (20х32 см) која се става на превртен плех, па една по друга се печат во рерна на 160 степени само толку колку рабовите да ја променат малку бојата, околу 10 минути.
Од изладените кори се отстранува хартијата, кремот се дели на три дела, секоја кора се премачкува со кремот. Одозгора се премачкува со кремот и се наросува со мелени ореви.
Крем: Жолчките и шеќерот се миксаат околу 4 минути додека да стане светла смесата и да се удвои. Мешајте на пареа додека да се загрее, па додадете чоколадо.
Мешајте додека чоколадото да се растопи и спои со кремот и убаво да згусне, па додадете малку путер за да не се направи кора одозгора при ладењето. Путерот пенесто изматете го со миксер, па додадете го со матење во млакиот крем.
ОРЕВ КОЦКИ
(одлични се и со лешници)
Потребни состојки:
6 жолчки
2 јајца
8 лажици шеќер
2 лажици масло
8 лажици брашно
Фил од ореви:
250 г мелени ореви
3 лажици шеќер
3 лажици мармалад по избор
100 мл врело млеко
Фил од белки:
6 белки
8 лажици шеќер
2 лажици масло
8 лажици брашно
1 лажица прашок за печиво
Постапка:
Жолчките, јајцата и шеќерот пенесто изматете ги за да удвои волуменот, па по ред додавајте ги останатите состојки. Излејте во намастен и побрашнет плех (30х30), па печете во загреана рерна на 180 степени околу 15 минути додека да биде полупечено.
За тоа време направете го првиот фил: измешајте ги сите состојки заедно, па вториот фил: измиксајте снег, па додадете шеќер и миксајте половина минута, па со лажица додадете брашно помешано со прашок за печиво.
Врз кората веднаш премачкајте го првиот и веднаш вториот фил, па вратете во рерна да се пече додека одозгора да добие златножолта боја.
Печењето трае од почеток до крај околу 30 минути.
По желба одозгора можете да ставете глазура, но убави се и без ништо.