Многу едноставен и вкусен колач кој може да го јадете дури и навечер – не содржи шеќер, а има корисни белковини кои ќе ве одржуваат сити. Дополнително ќе ви се допадне поради освежителниот вкус на бобинките, но и од едноставноста на приготвување.




Јас користев чоколадо без шеќер, а вие користете какво вам ви одговара. Има доста вкусни чоколади со висок процент на какао, но и од оние кои се наменети за дијабетичари. Може да користите маскарпоне, но и некое друго свежо крем сирење по ваш вкус – Александар. Еве како се приготвува:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г маскарпоне (свежо крем сирење), 50 г мед (наместо мед може да користите јаворов сирув, малтекс, маџун или пак кафеав шеќер (може и шеќер во прав или стевија или некој друг засладувач), 100 г бобесто овошје по желба (може, но не мора), 4 помали листови обланда и чоколадна глазура (150 г чоколадо и 2 лажици масло).




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го крем сирењето и медот (или засладувачот кој сте го одбрале), а пенасто изматете со миксер додека да се добие изедначена кремаста и нежна смеса.




Во кремот додајте 100 г малини или други бобинки по избор и со помош на шпатула промешајте. Оваа количина е доволна за 4 помали листови обланда или 2 поголеми, пресечени на половина.




Поставете го листот обланда со рапавата страна кон горе, па премачкајте го рамномерно преку целата површина со овошниот крем. Доволна е една полна голема лажица.




Одозгора преклопете со нов лист обланда, па повторно нанесете од филот, премачкјате го рамномерно и израмнете. Ставете трет лист обланда и повторно нанесете фил. Израмнете преку целата површина.




Најпосле поклопете со четвртиот лист. Целиот колач завиткајте го во фолија или кеса и ставете го во замрзнувач на 2-3 кеса за да се стегне убаво. За да не прими мирис од другата храна, убаво завиткајте го, ако е потребно во двојна кеса.




По изминатото време, извадете го колачот и поставете го врз даска за сечење. Внимателно исечете го на штангли со широчина од 2-3 см или по ваш избор. Бидејќи обландата е смрзната, ќе биде потребна поголема сила за да се пресече.




Откако ќе ги исечете штанглите, пригответе ја чоколадната глазура. Чоколадото искршено на коцки растопете го во микробранова печка или на многу тивок оган (на пареа), додајте масло и промешајте додека да се изедначи.




Секоја штангла натопете ја во чоколадната глазура и оставете ја врз хартија за печење или проѕирна фолија, додека да се стегне чоколадото, а тоа се случува за кратко време зошто колачот е веќе ладен. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.