Овие салати се толку вкусни, а многу едноставно се приготвуваат, можете кога сакате да ги направите. Како што се ближат празниците и славите, а на некои, и родендените, овие идеи за салати ќе ви бидат од голема помош. Ги сакаат дури и оние кои се познати по тоа што не јадат салати, едноставно не можат, а да не си замезат.
Во продолжение прочитајте ги рецептите за пилешката салата кои први се изедуваат од трпезата. Од искуство ви кажувам дека треба да ги направите во двојна или тројна доза и да ја распределите во неколку помали садови на масата. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за една доза/количина – ПРВ РЕЦЕПТ): 20 г мајонез, 180 кисела павлака, 50 г фета сирење, 2 чешниња лук, 2 варени моркови, 3 варени јајца, 160 г пилешки гради, сол, црн пипер, копар и други билни зачини по ваш вкус.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 1 помало сварено пиле, 100 г маринирани печурки, 100 г кисели краставички, 2 варени јајца, 1 зелена салата, зачини (сол, црн пипер), сок од лимон, сенф, ситно сечкан магдонос, 150 г мајонез, 100 г павлака.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ТРЕТ РЕЦЕПТ): 1 помало парче бело месо, 1 помала главица кромид, 1 лажица сув зеленчук (вегета), 200 мл вода, 50 мл масло, 400 мл павлака, 50 мл мајонез, 150 г младо сирење, 3 лажици сусам, магдонос, 1-2 лажички ленено семе и 300 – 400 г тестенини по избор.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Излупете ги морковите и ставете ги кратко да се сварат додека да омекнат. Јајцата исто ставете ги да се варат во обична вода, а пилешките гради во малку посолена како за супа. Кога морковите ќе се сварат исечкајте ги ситно, а истото направете го и со јајцата кои може да ги исечкате на коцки.
Во подлабок сад ставете го мајонезот, павлаката и фета сирењето. Убаво измешајте до формирање на еднолична смеса. Ситно исечканите чешниња лук додајте ги во белиот сос, а потоа редете ги морковите, јајцата и на крај ситно исечканите пилешки гради на парчиња.
На крај салатата се зачинува по вкус и се префрла во друг сад каде што убаво се измазнува. Се става во фрижидер да се лади до пред послужување (најмалку 30 минути) и потоа се декорира одозгора со кругови моркови и маслинки, а може на средина да ставите и магдонос или да наросите оригано и копар.
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Извадете ги од пилешкото од коските и кожата и исечете го на ленти како јуфки. Исечкајте ги печурките и додајте ги во садот со исечканото пилешко. Потоа изрендајте или исечкајте ги краставичките, исечкајте ги јајцата и полека додајте ги сите состојки во смесата. Исечете го срцето на салатата и на крајот лесно измешајте ја во останатите состојки. За декорација може да се остават и поголеми листови.
ПОСТАПКА (ТРЕТ РЕЦЕПТ): Кромидот изблендирајте го со малку вода, па заедно со остатокот од водата, маслото и исечканото бело месо ставете го на оган да се динста. Кога водата ќе испари месото би требало да биде готово. Тестенините сварете ги според упатството.
Во тава запржете го сусамот на суво колку да замириса и оставете го да излади. Во поголем сад ставете го белото месо. Ако парчињата се крупни, дополнително исечкајте ги. Не го ставајте кромидот и маслото во кое се динсташе месото, туку само онолку колку што се задржало на самите парчиња.
На тој начин ќе има само вкус а нема да биде премасно. Врз месото додајте павлака, исечкано сирење на ситни коцки, мајонез и тестенина, па сето наросете го со сусам, ленено семе и магдонос. Внимателно измешајте да се изедначи и соедини, па изладено послужете.