Практично и вкусно предјадење за секоја пригода…

Потребни состојки за основна смеса:

1200 г компир

400 г крекери

250 г посен мајонез

3 чешниња лук

Сол по вкус

Постапка:

Компирот измијте го и излупете го, па сварете го со лукот. Водата оставете ја и во неа веднаш сварете ја пченката (шеќерец) за 5 минути, па кога и пченката ќе ја извадите од водата во неа сварете го спанаќот за што исто така, ќе ви бидат потребни 5 минути. Значи, не валкајте посебни тенџериња, во истата вода сварете го компирот, па пченката па спанаќот.

Лукчето од водата извадете го бидејќи тој послужи само како арома.

Врелиот компир изгмечете го како за пире и оставете да се смлачи.

Додадете ги мелените крекери, мајонезот и сето убаво со раце измесете го за да се соедини. Се добива околу 1500 г тесто, такашто за секој ролат се потребни околу 500 г.

Останатите состојки може да бидат и по ваш вкус. Еве неколку комбинации:

1 РОЛАТ

1 лажичка куркума (за тестото)

50 г спанаќ

100 г посен мајонез

Сол по вкус.

Тестото измесете го куркумата за да добие жолта боја. Помеѓу 2 листа хартија за печење развлечете го тестото со оклагија, па премачкајте го со сечкан спанаќ во кој сте додале мајонез и малку сте посолиле. Завиткајте со помош на хартијата и оставете така до следниот ден да се стегне.

РОЛАТ 2

1 лажица оригано (за тестото)

3 лажици кечап

180 г туна

Тестото замесете го со оригано, па како и претходното тесто развлечете го помегу два листа масна хартија со помош на оклагија. Измешајте ја туната и кечапот па премачкајте и свиткајте во ролат. Оставете да излади.

РОЛАТ 3

3 лажици ајвар (за тестото)

200 г пченка (шеќерец)

100 г посен мајонез

Тестото измешајте го со ајварот и замесете, па развлечете кора исто како претходните. Измешајте мајонез и варена пченка, премачкајте, свиткајте во ролат па оставете да излади и да се стегне.

serpica.net