ПОСЕН СЛАТКАРСКИ КРЕМ

Овој крем е многу вкусен и најчесто се користи за филување на принцес крофните и сличните слатки. Може да се јаде и самостојно како крем-пудинг. Се приготвува многу едноставно.

Потребни состојки:

1 литар вода
300 г шеќер или по вкус
1 ванилин шеќер
200 г брашно
125 г посен маргарин

Постапка:

Брашното се разматува убаво во половина литар вода, а остатокот вода (500 мл) се става на оган заедно со шеќерот. Кога ќе зоврие водата се намалува температурата, па во неа се додава разматеното брашно (без грутчиња) и се меша додека да се свари и згусне како пудинг. Се остава на страна да се олади целосно, па се соединува со пенасто изматен маргарин.

РЕЦЕПТ 2 СЛАТКАРКИ КРЕМ СО МЛЕКО И ЖОЛЧКИ

Ова е универзален ванила крем кој слаткарите го ставаат во повеќето свои колачи и торти. Вкусот на овој крем кој се топи во уста е свиленкасто нежен. Пробајте го и уверете се сами, ви го пренесуваме оригиналниот рецепт:

Потребни состојки:

500 мл млеко
1 стапче ванила (ќе ви биде потребно семето од стапчето)
4 жолчки
150 г шеќер
50 г брашно или густин
1 лист желатин

Постапка:

Ставете го млекото на оган да зоврие заедно со ренданите семчиња од ванилата. По желба ставете и празно стапче кое треба да се извади кога ќе проврие. Ако не го употребите стапчето, истото сомелете го, ставете го во шеќер и ќе добиете домашен ванилин шеќер.

Жолчките пенасто изматете ги со шеќер, па додадете брашно или густин, измешајте да нема грутчиња. Во тоа ставете малку од зовриеното млеко, добро разматете за да се загреат жолчките, па додадете го остатокот од млекото. Добро промешајте, па садот вратете на тивок оган и мешајте додека да згусне.

Тргнете од оган и додека се лади често промешувајте го за да не фати коричка или прекријте го со проѕирна фолија. За побрзо ладење, кремот излејте го во поширок сад, раширете го и прекријте со фолија.

За погуст крем, сварениот крем тргнете го од оган малку на страна, па додадете во него желатин, претходно натопен во вода според упатството, па растопен на пареа.

Вака ќе го добиете основниот крем за филување на торти и колачи, а можете по желба и да го збогатите вкусот со додавање на изматена слатка павлака, пенасто изматен путер и растопено чоколадо, како и овошен екстракт.