I РЕЦЕПТ – Предлог ручек за преку недела: Грашок со колбаси, јадење на лажица за закрепнување. Убаво и вкусно јадење, на лажица – грашок со колбаси или без, или нешто по ваш вкус.
Потребни состојки: 450 г грашок (една кеса), 200 г колбаси од месара, полубарени или слични, 1 главица кромид, 2 моркови, 1 помал компир, 1 лажичка црвен мелен пипер, 1 лажица сув зачин (вегета), 100 мл масло, малку сол, црн пипер, магдонос, мирудија.
Постапка: Исечкајте го кромидот, па на умерен оган малку пропржете го додека да застакли. Потоа додадете сув зачин и долејте малку вода, па продолжете со динстање на кромидот, уште малку да омекне. После околу 10-тина минути додадете го грашокот и исечканиот морков.
Долејте вода колку да се покрие и варете на умерена температура околу половина час. Додадете компир исечкан на коцкички и колбас исечен на тркалца. Додадете црвен мелен пипер, малку сол и црн пипер во прав. Повторно долејте малку вода и продолжете го готвењето додека грашокот и компирот да бидат сварени. Густината регулирајте ја со количината на вода, во зависност од тоа како вие повеќе сакате. На крај додадете малку магдонос и малку мирудија, па послужете го јадењето топло.
II РЕЦЕПТ – Пилешко со кари и печурки во убав бешамел сос – ручек толку вкусен – прсти да излижеш. Фотографија и рецепт на Веселка Кузмановска – Пилешко со печурки во бешамел. Ако не знаете што да приготвите за утрешниот ручек, еве еден одличен предлог на нашата драга членка Веселка Кузмановска кој го објави во групата НМД рецепти.
Потребни состојки: 800 г пилешко бело месо, кари, сив зачин, црн пипер по вкус, 300 г маринирани печирки, 50 г путер, 50 г брашно, 700 мл млеко, 1 морско оревче мелено, 2 лажици рендан пармезан, 1 лажица сенф. Постапка: Пилешкото измијте го под млаз ладна вода, исцедете го, па исечете го на ситни коцки.
Зачинете го со сув зеленчукот зачин, црн пипер во прав и кари во прав. Убаво измешајте го со лажица или раце за да се опфати од сите страни. Најдобро е доколку месото сте го маринирале одвечер, но сосем е добро и доколку го зачините пред самото пржење.
Значи, васа ситно исечкано и зачинете пропржете го на малку загреано масло. Маринираните печурки исцедете ги од маринадата, исплакнете ги со ладна вода и додадете ги во месото заедно да се пропржат додека да заруменат малку. На страна пригответе го бешамел сосот:
Во тенџере на умерен оган растопете 50 г путер, додадете исто толку брашно и запржете го кратко, а после неколку минути започнете да го додавате млекото. Зачинете го по вкус и гответе го бешамелот до саканата густина. Додадете мелено морско оревче.
Потоа бешамелот додадете го во прженото месо со печурки, промешајте и додадете 2 лажици рендан пармезан и 1 лажица сенф. Вкусете и по потреба зачинете. Јадењето гответе го уште 10-тина минути на тивко, со постојано мешање за да не загори, а состојките да си ги попримат вкусовите. Добар апетит.
III РЕЦЕПТ – Направете совршен ручек за помалку од половина час… Вашите домашни ќе бидат посебно задоволни. Вкусно и кремасто јадење. Совршен ручек со било кој прилог. Може да прочитате 2 рецепти – предлог, па вие одберете кој повеќе ви одговара.
Потребни состојки: 500 г пилешко бело месо (гради), 250 г шампињони печурки, 150 мл милерам, 100 г гауда сирење/кашкавал, 3 јајца, 1 чешне лук. Постапка: Пилешкото месо исечкајте го на коцки, посолете го и запиперете го. Пропржете го во тава со малку маслиново масло, па додадете ги исечканите печурки.
Зачинете по вкус и додадете го ситно сечканото лукче. Смесата наредете ја во плех со средна величина и прелијте ја со мешавина од јајца и милерам или некое друго крем сирење. Одозгора наросете обилно рендан кашкавал/моцарела и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.
А еве уште една идеја за уште побрзо јадење: Вкусен и брз ручек од 3 состојки – Многу вкусно јадење што брзо се приготвува. Потребни состојки: 500 г пилешко филе, 1 крем супа од печурки, 200 мл течна неутрална павлака. Постапка:
Пилешкото филе исечете го на тенки шницли кои не треба да се толчат. Во еден сад истурете ја содржината од супата и секоја шницла извалкајте ја па наредете во огноотпорен сад. Прелијте ја павлаката врз месото и во топла рерна на 200 степени печете 30 минути.
Исклучете ја рерната и оставете уште 15 минути да се заврши печењето. Кој сака реш печено, може да го тргне капакот и да го запечи пилешкото. Се послужува со обарен карфиол или брокула. Секако и салата.. Прсти да излижеш!
IV РЕЦЕПТ – Ручек за целото семејство кое ќе ги освои вашите стомаци по првиот залак – компир и пилешко на нов начин. Здраво на сите. Денес готвиме семеен ручек кој ќе ги освои вашите стомаци на прв залак. Вака приготвениот компир е многу вкусен и крцкав, а пилешкото месо е неверојатно сочно и меко. Изненадете ги вашите најмили со овој рецепт и испробајте нешто ново и многу вкусно.
Потребни состојки: 1 кг компир, 1 лажичка сув зачин (вегета), ½ лажичка црн пипер, 100 г мајонез, 2-3 лажици кечап, 1 лажица сенф, 500 г пилешко месо, 3 лажици масло, 1 главица кромид, ½ лажичка кари во прав, 1 лажичка црвен зачински пипер во прав (црвен пипер)…
Уште ќе ви бидат потребни: 200 г шампињони печурки, ½ лажичка оригано, 4 чешниња лук, 2 јајца, 200 мл млеко и 200 мл вода. Постапка: Компирот измијте го, излупете го и исечкајте го на коцки. Ставете го во тава со средна величина и зачинете по вкус.
Ставете сув зачин, црн пипер, мајонез, 2-3 лажици кечап, една лажичка сенф, па убаво промешајте за да се обложи секое компирче. Вака приготвениот компир во мајонез, кечап и сенф има неверојатен вкус. Ставете да се пече 20 минути во претходно загреана загреана рерна на 200 степени.
За тоа време пригответе го пилешкото месо: на 3 лажици загреано масло пропржете го ситно исечканиот кромид. Посолете го и издинстајте го додека да застакли. Потоа додадете ситно сечкано пилешко месо. Зачинете со кари во прав и црвен пипер во прав.
Промешајте и оставете 2-3 минути да се пропжи месото. Потоа додадете 200 г исечкани печурки и зачинете со оригано. За крај додадете исечкани 4 чешниња лук. Промешајте и оставете да крчка уште 5 минути. Во посебен сад пригответе го преливот:
Две јајца изматете ги со виљушка, па додадете 200 мл млеко и 200 мл вода. Промешајте да се изедначи. Во печениот компир одозгора распоредете го пилешкото месо со печурките, па прелијте со смесата од јајца и млеко. Јадењето вратете го во рерна и допечете го уште 10-тина минути. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.
V РЕЦЕПТ – Необично а многу вкусно за ручек: топчиња од мелено месо во преубав сос. Едноставен а богат ручек кој можете да го послужите во различни пригоди. Потребни состојки: 500 г мелено месо, 1 главица кромид, 1-2 мали лажички сув зачин (вегета), ½ шолјичка ориз, црн пипер, црвен пипер, 2-3 чешниња лук, 2 литри вода, 1 јајце, морков, 2-3 големи лажици пченкарно брашно или презла, ½ прашок за печиво.
За прелив: 200 мл кисела павлака, 2 јајца и 100-150 г пармезан или друг рендан кашкавал. Постапка: Кромидот исечкајте го ситно и пропржете го на малку масло. Во месото додадете го пропржениот кромид, лукот, вегетата и другите зачини, рендан морков, брашно, прашок за печиво и јајце.
Оризот измијте го и малку проварете го, па додадете го во месото. Замесете го убаво, па правете топчиња го големина на пинг понг топчиња. Загрејте ја водата, па полека ставајте ги топчињата и варете ги на тивок оган околу 15 минути.
Извадете ги топчињата од вода, ставете ги во сад за печење, прелијте со прелив (измешајте павлака, јајце и рендан кашкавал). Печете на 220 степени околу 15-20 минути. Водата во која се вареа топчињата може да се искористи за супа, доволно е да се додадат тестенини и запршка – супата е готова.
VI РЕЦЕПТ – Топла и вкусна ЧОРБА: Заштедете време и направете СОВРШЕН ручек! Потребни состојки: 400 г јунешко месо, 1 главица кромид, 2 чешниња лук, 2 моркови, 100 г целер, 500 г компир, 200 мл доматен сос, 100 мл бело вино, 1 ловоров лист, сол, црн пипер, мелен коријандер, 1 лажица црвен пипер во прав, масло по потреба, 700 мл вода.
За кнедли: 1 јајце, сол, 4 лажици газирана вода, 5-6 лажици брашно. Постапка: Во експрес лонец на 2-3 лажици масло пропржете го месото исечено на коцки, додадете сечкан кромид и лук, морков на тркалца, целер на коцки, па додадете 100 мл вино.
Динстајте 2-3 минути колку да испари виното, па додадете го компирот исечкан на коцки, 1 лажица мелен црвен пипер, сол, црн пипер мелен, коријандер, па додадете и 200 мл сок од домати и 1 ловоров лист. Дополнете со половина литар вода и гответе половина час.
За тоа време направете ги кнедлите: во еден сад ставете едно јајце, посолете, 4 лажици газирана вода и 5-6 лажици брашно. Кога гулашот е сварен, отворете го капакот, па додадете уште 200 мл топла вода. Со мало лажиче натопено во гулашот, вадете од смесата за кнедли и спуштајте ги во гулашот. Гответе уште десет минути и вашето прекрасно јадење ќе биде готово.
VII РЕЦЕПТ – Комплетен ручек – готов за 20 минути. Потребни состојки: 300 г пилешко бело месо, 150 г печурки, 100 г морков, 3 пиперки (црвена, жолта и зелена), 2 тиквички, сол, црн пипер, црвен пипер, магдонос, малку маслиново масло, неколку лажици доматен сос.
Постапка: Загрејте масло во тавче што не лепи, па додадете ситно сечкано месо на коцки. Кратко пропржете 5-8 минути, па додадете сечкани печурки и рендан морков. Динстајте додека сето да омекне убаво, додадете ги сечканите пиперки и тиквички. Убаво промешајте и динстајте уште околу 10-15 минути. На крај зачинете и додадете доматен сос по желба.
VIII РЕЦЕПТ – Никогаш полесно, а толку вкусно: ручек готов за 15 минути. Брзо, вкусно, едноставно! Потребни состојки: 2 лажици путер, 240 г сланина, 450 г прокељ, сол, црн пипер, толчен црвен пипер, ¼ шолја павлака за готвење, ½ шолја рендан кашкавал, ½ шолја лебни трошки.
Постапка: Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени, а огноотпорниот сад намастете го. Во голем сад ставете вода, посолете и оставете да зоврие, па додадете прокељ и оставете да вари 8-10 минути.
Сланината исечкајте ја на коцки и испржете ја да стане крцкава. Варениот прокељ и половина од сланината ставете ги во огноотпорниот сад, зачинете и залијте со павлака. Наросете со кашкавал, а на крај и со остатокот од сланината и лебните трошки. Ставете во рерна да се запече околу 15 минути.
IX РЕЦЕПТ – Толку вкусен ручек направен од толку малку намирници досега не сум јадела. Потребни состојки (за едно лице): 1 поголема тиквица, по желба рендан кашкавал, 1 јајце, 3 лажици кисела павлака, малку сол, сув зеленчук (вегета).
Постапка: Тиквичките исечкајте ги на тркалца и наросете ги со вегета. Огноотпорниот сад намастете го со малку маслиново масло или путер, па наредете ред тиквички, малку рендан кашкавал, па повторно тиквички, рендан кашкавал и повторно тиквички и се’ така додека да ви се потроши материјалот.
Во еден сад изматете го јајцето со кисела павлака, малку посолете и зачинете по вкус, па прелијте преку тиквичките. Најгоре изрендајте кашкавал и ставете да се запече. Печете во загреана рерна на 200 степени околу 10-12 минути. Ако сакате можете да додадете и месо.
X РЕЦЕПТ – Шницли во јогурт – ручек во кој ќе уживате јадејќи го, превкусен е! Најчесто користам пилешко бело месо, ама вие какво сакате, такво одберете. Потребни состојки: 500 г мисиркино или пилешко бело месо, 400 мл јогурт, 100 г кашкавал, 100 г лебни трошки (презла), 2 лажици магдонос, сол и црн пипер по вкус, малку масло.
Постапка: Кашкавалот изрендајте го на крупно ренде, а магдоносот ситно исечкајте го. Месото исечете го на тенки шницли (или кажете им во месара да ви ги исчукаат). Во соодветен сад измешајте го ренданиот кашкавал, магдоносот и лебните трошки. Шницлите зачинете ги со сол и црн пипер, па натопете ги во јогурт и извалкајте ги во смесата со кашкавал.
Вака приготвените шницли редете ги во намастен огноотпорен сад, а преостанатиот јогурт и смесата од кашкавал прелијте ги преку нив. Покријте со алуминиумска фолија и печете во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. Потоа тргнете ја фолијата и оставете малку да се запечат шницлите, колку да добијат румена боја.
XI РЕЦЕПТ – Еден многу убав, брзински и вкусен ручек со пилешки џигерчиња. Евтин и брз ручек, прсти да излижеш. Потребни состојки: 500 г пилешки џигер, 2 главици црвен кромид, 2 чешниња лук, 2 жолти пиперки, 2 црвени пиперки, 50 мл доматен сос, 50 мл црно вино, 2-3 лажици брашно, 1 лажичка црвен пипер во прав, сол, сув зачин, црн пипер, магдонос.
Постапка: Пилешкиот џигер извалкајте го во брашно и пропржете во загреано масло додека да зарумени. Потоа џигерот тргнете го на страна во некој сад и поклопете го за да остане топол. Кромидот и лукчето ситно исечкајте ги, а пиперките исчистете ги од семето и исечете ги на коцки.
Во истото масло во кое се пржеше џигерот пропржете го прво кромидот, малку посолете го, додадете ги пиперките и лукот, па динстајте на умерена температура додека зеленчукот да омекне. Потоа додадете црвен пипер во прав, брзо промешајте, додадете доматен сос и црно вино и околу 100 мл топла вода. Оставете да крчка 1-2 минути.
Потоа во садот вратете го пржениот џигер, по потреба додадете уште малку врела вода, во зависност од густината која ја сакате. Посолете, запиперете и ставете сув зачин по вкус, па гответе уште 10-тина минути на умерено со повремено мешање. На крај додадете сечкан магдонос. На страна сварете палента и во неа додадете малку путер, па сервијате како прилог со џигерот во сос.
XII РЕЦЕПТ – Брз ручек – пилешко со зеленчук: вкусно јадење „на лажица“ кое ти го топли стомакот. Нешто „на лажица“ преку седмицата кога немате многу време за некои комплицирани јадења и сложени рецепти.
Мојот сопруг ова го нарекува „дрнч“ кога ќе види ваква некоја комбинација од јадења, било каков вид на зеленчук со месо, нему му е „дрнч“. Овој вид на јадење се приготвува за 40-тина минути, вкусно е, хранливо и го топли стомакот. Може да го зготвите и одвечер, па следниот ден само да го згреете и ручате.
Потребни состојки: 1 пилешко бело месо без кожа и коски, 1 главица кромид, околу 800 г мешан зеленчук за руска салата или слично, 1 лажица сув зачин, 1 лажичка црвен пипер, црн пипер, магдонос и зачини по избор, 50 мл масло, 1 рамна лажица брашно.
Постапка: Исечкајте го кромидот, а за тоа време загрејте го маслото. Пропржете го минута-две, па долејте чаша вода и оставете така да динста додека да омекне околу 10-тина минути. За тоа време исечкајте го белото месо на коцки и додадете ги во кромидот, па повторно долејте малку вода, додадете сув зачин и црвен пипер, па околу 5 минути сето заедно гответе го.
Потоа додадете го подготвениот зеленчук, додадете вода колку да биде покриено и оставете да проврие. Внимавајте да не ви е многу силен огнот и да не ви претече. Гответе околу 15-20 минути, со додавање на топла вода ако испари повеќе од потребното.
Проверете дали се сварени зеленчукот и месото (за месото е потребно околу 20 минути а зеленчукот треба да е готов). Кога се’ е сварено, разматете малку брашно (може бело, но може и пченкарно) во малку вода па додадете во шерпата, промешајте и додадете зачини по вкус. Исклучете го огнот, нека покрчка уште малку додека е топла ринглата. Послужете топло.
XIII РЕЦЕПТ – КОМПЛЕТЕН РУЧЕК: супа, похувано бело месо, печени пиперки со сирење, компир. Предлог за ручек кога немате идеја: пилешка супа, компир запечен во рерна залиен со супа, печена пиперка полнета со сирење и запечена во рерна, похувано бело месо, салата од печени пиперки.
Супата можете да ја направите од кесичка или со коцка и да додадете фиде и сечкан зеленчук по вкус. Внимавајте да имате повеќе течност за да можете да ги прелиете компирите со 3-4 кутлачи. ПОХУВАНО, МАРИНИРАНО БЕЛО МЕСО. Потребни состојки:
1 пилешко бело месо, 3 чешниња лук, сув зачин, сок од половина лимон, брашно, презла, 1 јајце и 3 лажици млеко. Постапка: Пилешкото бело месо позамрзнато исечете го на шницли. Полесно се сече отколку кога е одмрзнато. Малку исчукајте го со чекан за месо ако има подебели места.
Лукот измечете го, додадете сув зачин и сок од половина лимон. Сето добро измешајте го, па со оваа смеса премачкајте ги шницлите и редете ги една врз друга. Кога месото ќе отстои 30 минути загрејте масло и похувајте ги. Додека месото ви отстојува, вие пригответе го прилогот.
Изматете го јајцето со млеко, па валкајте ги шницлите во брашно, па јајце и на крај презла. Печените/пржените шницли редете ги на хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. ПРИЛОГ: компир од рерна.
Исечете го компирот и пополнете го садот во кој ќе го печете, па прелијте со масло и наросете со сув зачин, сечкан магдонос и зачини по ваш вкус, а потоа прелијте со 3-4 кутлачи супа и ставете на 200 степени да се пече додека супата да испари и компирот убаво да се запече.
ПЕЧЕНА ПИПЕРКА ПОЛНЕТА СО СИРЕЊЕ. Пиперките измијте ги и исчистете ги од семе, па полнете ги со урда или со сирење (на пример 250 фета сирење за 10 пиперки). Пиперките засечете ги на едната страна и полнете ги со ленти сирење и редете ги во намастен сад, една до друга.
На крај изматете едно јајце со малку сол и малку јогурт, па прелијте преку пиперките. Ставете во рерна да се пече додека да зарумени, околу 30-45 минути. Може да ги послужите и топли и ладни.
XIV РЕЦЕПТ – Предлог за НЕДЕЛЕН РУЧЕК – супа, похувано месо, полнет компир, медалјони од тиквички. Ова е предлог за за тоа како би можел да ви изгледа неделниот ручек во кругот на вашето семејство. Пилешка супа и похувани шницли се некако класика за неделен ручек, но овој полнет компир е баш превкусен.
Малку павлака, кашкавал, магдонос и сол, печен во рерна, милина. Покрај тоа, кој сака може и зелка салата, и медалјони од тиквички. РЕЦЕПТ ЗА ПИЛЕШКА СУПА. Потребни состојки: 500 г пилешко (грб, врат, крила..), 1 главица кромид, 1 врзот за супа (корен од магдонос, морков, пашканат), келераба, целер, 2 чешниња лук, сув зачин, сол, црн пипер, магдонос.
Во супата можете да додадете и крупно сечени тиквички, карфиол, брокула, боранија или во зависност од она што вие сакате. Постапка: Сите состојки добро измијте ги и исчистете ги, па крупно исечкајте ги и ставете ги заедно да се готват на тивок оган.
Кромидот пресечете го на половина, малку запечете го, па ставете го со останатите состојки. Ставете сув зачин, сол и мала лажичка шеќер. Кога ќе ставате вода на почетокот, таа треба да го покрие зеленчукот, но бидејќи ќе испарува, додадете подоцна уште две чаши врела вода.
Супата треба да врие на тивко, колку само да “брбори”. Се вари најмалку 2 часа. На крај се проверува дали има доволно течност. Не треба да се меша за да не стане матна како чорба. РЕЦЕПТ ЗА ПОХУВАНО МЕСО. Свински или телешки шницли добро исчукајте ги со чекан. Посолете ги и запиперете ги по вкус.
Загрејте масло со длабочина од еден прст на малку посилен оган. Секоја шницла прво извалкајте ја во брашно, па во изматено јајце и на крај во презла (лебни трошки). Ставете ги шницлите да се пржат па намалете ја температурата на умерено додека да заруменат од двете страни.
РЕЦЕПТ ЗА ПОЛНЕТ КОМПИР. Потребни состојки: 4 поголеми компири, сол и црн пипер, 200 г путер или маргарин, неколку лажици кисела павлака, кашкавал, зачини по желба, алу-фолија. Постапка: Вклучете ја рерната на 200 степени. Секој компир добро измијте го, ако е млад не мора да се лупи, а ако компирот е стар, тогаш излупете го.
Пресечете го на половина. Путерот поделете го на 12 делови. На секоја половина компир ставете парче путер и завиткајте го со фолија. Наредете ги во тепсија и ставете да се пече околу еден час. Останатите 4 парчиња путер ќе ви бидат потребни за подоцна.
Печениот компир внимателно извадете го и одвиткајте го од фолија, внимавајќи да не се изгорите. Оставете малку да излади, па со лажичка издлабете ја средината колку можете. Внимавајте да не ви се распадне.
Издлабениот компир наредете го во тепсијата, а остатокот од компирот испасирајте го, зачинете го, додадете путер и малку павлака, па промешајте. Наполнете ги издлабените компири и одозгора ставете рендан кашкавал. Наросете и малку сечкан магдонос, па вратете во рерна за да се запече.
РЕЦЕПТ ЗА МЕДАЛЈОНИ ОД ТИКВИЧКИ. Потребни состојки: 1 кг тиквички, 1 главица кромид, 3 јајца, презла/лебни трошки, зачини по вкус. Постапка: Тиквичките излупете ги и изгрендајте ги на крупно ренде. Посолете ги и оставете ги половина час за да ја испуштат течноста.
Потоа добро исцедете ги со стискање. Во исцедените тиквички додадете 3 јајца, ситно исечкана главица кромид и зачини по вкус. На крај додадете презла одокативно додека мешате со виљушката. Смесата треба да добие густина колку да може со рака да се формираат медалјоните, со дебелина од околу 2 см.
Секој медалјон на крај валкајте го во презла, уште малку дообликувајте го и ставете го да пржи на умерен оган, додека да зарумени од двете страни. РЕЦЕПТ ЗА САЛАТА ОД ЗЕЛКА – Зелка-салатата ја правиме стандардно по свој вкус.
Ја сечеме зелката или ја рендаме, наросуваме масло и оцет, може и малку вода да се додаде, посолуваме по вкус. Исто така, може да се додаде половина ситно сечкано лукче и прстофат шеќер. Ако користиме алкохолна киселина тогаш ставаме малку шеќер, а ако користиме јаболкова киселина, тогаш нема потреба.