Кралицата на цвеќето – розата е растение од фамилијата Rosaceae, која брои од 3000 до 4000 видови. Поделени во 4 потсемејства, розите се делат во зависност на изгледот на плодот. Розите цутат дури 200 денови во годината.
Поголемиот дел од украсните видови рози се хибриди кои се одгледуваат за нивните цветови, мирис и боја. Познато е дека декоративните рози започнале да се одгледуваат уште во времето пред нашата ера на територија на Персија и Кина. До денес се задржани илјадници видови сорти кои со текот на времето мутирале.
Во фармацевтската индустрија се користи розовата вода и масло за изработка на козметички препарати, парфеми, лосиони, креми и лекови. Истовремено, во прехрамбената индустрија се користат плодовите од видот Rosa canina hips, позната како шипка од која се прават лековити чаеви, мармалади и слатки.
Листовите се користат за изработка на билни чаеви, а исто така познат е сирупот од роза кој има низа лековити и хранливи состојки. Во најголем дел розата се користи како природен аромат за најразлични видови производи.
Во медицината е познато дека некои видови рози се богат извор на витамин Ц, па оттаму се користат за изработка на медикаменти за имунитет и додатоци во исхраната.
Можеме да се сложиме дека ружите се навистина посебни и дека апсолутно секоја градина максимално ја разубавуваат. За да започнат ружите убаво да цветаат напролет и да ви ја разубават градината, се препорачува да се насадат доцна есен, но доколку веќе сте задоцниле, тогаш тоа можете да го направите и во рана пролет.
Најпрво снабдете се со здрави гранчиња од некое претходно поткастрување на вашите омилени рози. Одберете гранчиња на кои има нови членчиња од каде што ќе се појават коренчињата. Ова е многу важно доколку сакате гранчето да стане ново растение.
За гранчињата да пуштат коренчиња потребно е да ги прскате со хранлива вода и да ги чувате во соодветни услови кои ќе поттикнат будење на новото растение. За да подготвите специјалната вода потребни ви се банани.
Одберете една или две зрели банани, исечкјате ги на парчиња заедно со нивната лушпа (всушност лушпата е најважна за овој процес, бидејќи изобилува со сите неопходни хранливи материи кои му се потребни на новото растение).
Исечканата банана ставете ја во тегла и прелијте ја со вода, да биде прекриена. Теглата поклопете ја со некоја тацна или со капак, но не треба да го затворате. Потребно е барем малку да навлегува воздух, бидејќи бананата треба да ферментира во времетраење од една седмица.
После седум дена процедете ја течноста без да ги притискате бананите, без да ги блендирате, потребна е само водата во која ферментираа. Течноста складирајте ја во шише со ситен распрскувач.
Земете еден голем и дебел картон, па превиткајте го на половина. Врз едната половина од картонот наредете ги гранчињата и испрскајте ги со течноста. Поклопете ги со втората половина од картонот, така да бидат како спакувани, со што ќе им се овозможи темнина, топлина и влага.
Прскајте ги секој ден и продолжете да ги чувате на истиот начин, под сенка, на темно и топло место во текот на три седмици. после три седмици ќе забележите дека секое гранче развило мрежа од коренчиња.
Засадете ги гранчињата и продолжете соодветно да ги наводнувате и да ги чувате на заштитено место додека да се развие цврста билка. Потоа можете розата да ја пресадите во вашата градина или во некоја поголема саксија. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.