ЈАГНЕШКО ПЕЧЕЊЕ…има една тајна која многу одамна ја знам…Испечено на овој начин секогаш излегува многу вкусно. Секоја домаќинка си има некоја своја тајна, а ова е мојата…Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

3 кг јагнешко (плешка со ребра)
сол по вкус (крупна)
сенф по желба (јас премачкувам во многу тенок слој и не се чувствува, а многу го омекнува)
100 мл мешавина од вода и бело вино
50 мл масло или помалку (јас го полевам)
зачини по желба
рузмарин

ПОСТАПКА:

1.Јагнешкото измијте го, избришете го со хартиена салветка и посолете го убаво насекаде. Засечете го на повеќе места, со ножот избодете го на подебелите места и добро истријте за да може поубаво да ги прими зачините.

2.Измешајте вино, вода, масло и рузмарин, па сипете во огноотпорен сад во кој ќе се пече месото. По желба премачкајте го со малку сенф или во дупчињата ставете чешниња лук (ова по желба, јас не ставам), а може и парчиња сланина.

3.Прекријте го месото прво со хартија за печење, а потоа со алуминиумска фолија и ставете го да се пече во рерна загреана на 220-250 степени, половина час.

4.Потоа превртете го и печете го уште половина час, добро спакувано под фолијата, на повисока температура.

5.После еден час, вратете го во првобитната положба, полијте го со течноста од садот, по желба додајте компири ако има место, па вратете да се пече уште приближно 3 часа. Повремено проверувајте го и полевајте го со течноста.

6. Пред крајот кога месото почнува да се „распаѓа“ кога ќе го боцнете со виљушката, тргнете ја фолијата и оставете да се потпече уште 10-15 минути, но внимавајте да не се пресуши. Нека ви е на здравје, за многу години празниците! Рецепт на Јафи.