Нема кој не ја прави кога доаѓаат посните или мрсните слави и празници, а може да се прави во повеќе варијанти. Сега сите ја прават оваа верзија особено кога повеќето производи се поскапени, а покрај тоа се прави без миксер, без рерна, готова за 20 минути. Во продолжение прочитајте уште 2 рецепти за посна бајадера:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 9 лажици вода, 200 г шеќер, 150 г мелени ореви, бадеми или лешници, 250 г мелени бисквити, 170 г путер, 100 г чоколадо за готвење. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо за готвење, малку масло.

ПОСТАПКА: во едно тенџере ставете вода и шеќер на тивок оган додека шеќерот целосно да се растопи. Додајте го путерот, тргнете го садот од оган и мешајте додека и тој да се растопи. Кога путерот целосно ќе се растопи, додајте ги оревите и бисквитите, па мешајте додека да добиете густа изедначена смеса.




Добиената смеса поделете ја на два еднакви делови. Чоколадото растопете го на пареа и додајте го во едната половина од смесата. Во вториот дел додајте малку екстракт од рум, доколку сакате.




На тацна за послужување ставете масна хартија, па нанесете го првиот дел од смесата (со чоколадото) и со помош на рацете обликувајте правоаголна форма. Горниот дел и аглите измазнете ги со нож.




Врз првиот слој, на ист начин нанесете ја и втората смеса, па исто така израмнете ја. Доколку сакате, можете бајадерата да ја формирате со три слоја: половина од темниот – светлиот – втора половина од темниот слој.




Остатокот од чоколадото растопете го на пареа, во него додајте малку масло и прелијте го одозгора. Бајадерата оставете ја во фрижидер да се стегне, па следниот ден исечете ја на коцки или штангли, со големина по ваша желба. Прочитајте го и рецептот за посната лешник бајадера:




(втор рецепт) Посна ЛЕШНИК БАЈАДЕРА – повкусна од оригиналната. Фото и рецепт: Марина Спасојевиќ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г шеќер, 150 мл вода, 200 г мелени бисквити/посни, 150 г мелени лешници, 250 г посен маргарин/путер за мрсна, 100 г чоколадо, 1 лажица арома рум.

Фото и рецепт: Марина Спасојевиќ




ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 3 лажици масло, малку маргарин/путер. ПОСТАПКА: во еден сад ставете шеќер и вода, загрејте, па кога ќе проврие варете уште 4-5 минути. Шеќерниот сируп би требало да има густина на мед. Тргнете го садот од рингла, па ставете цел маргарин или путер исечен на листови и мешајте додека целосно да се растопи.




Додајте ги мелените бисквити и мелените лешници додека сирупот е уште врел. Изедначете ја смесата (ако е премногу густа, додајте 1-2 мали лажички врела вода и промешајте). Смесата поделете ја на два еднакви дела, па во едната половина додајте чоколадо и лажица рум.




Во помал калап 16х26 см обложен со хартија за печење, ставете го чоколадниот слој. Израмнете, па одозгора распоредете ја светлата смеса. Убаво израмнете и оставете бајадерата добро да се олади. За глазура: на тивок оган или на пареа растопете го чоколадото со малку масло и путер, па прелијте преку изладената бајадера. Почекајте глазурата целосно да се стегне, па со остар нож сечете на помали штангли. Фото и рецепт: Марина Спасојевиќ

(трет рецепт) Бајадера од кикирики, преубава, посна, лесна за правење и многу вкусна. Фото и рецепт: Драган Страшеноски Рецептот за оваа прекрасна бајадера го објави нашиот драг пријател, почитуваниот Драган Страшеноски, во групата НМД рецепти.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВА: 750 г посни бисквити, 500 г несолени печени кикиритки, 450 г шеќер, 300 мл вода, 2 ванилин шеќер, 250 г маргарин кристал. ЗА ГЛАЗУРА: 200 г посна чоколада за готвење, 100 г маргарин кристал, 2 супени лажици масло, 200 г карамел гел (онаа за трилече).

ПОСТАПКА: водата, шеќерот и ванилиниот шеќер да зовријат. Се додава маргаринот да се растопи и потоа се додаваат мелените бисквити и мелените кикирики. Се меси добро и се расплескува во калап. За глазура: сите состојки на оган да се стопат и да се соединат. Потоа се прелива бајадерата и се става на ладење. Откако ќе се олади, се јаде со уживанција. Фото и рецепт: Драган Страшеноски

Фото и рецепт: Драган Страшеноски