Ова е вистинска зимска торта, но може да се приготвува и преку целата година, за сите љубители на слатките торти. Има вкус многу близок до оној на Фереро Рошер, па според тоа, наменета е за сите обожаватели на комбинацијата од чоколадо и лешник. Уживајте во овој рецепт на Александра и cподелете го со вашите пријатели. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за 1 кора, потребни се 3): 4 белки, 100 г шеќер, 120 г печени и ситно сечкани (не мелени) лешници, 50 г кекси од житарици (мелени), 1 лажица (10 г) какао во прав, 2 г прашок за печиво, цимет по желба (3-8 г).
ПОСТАПКА: Пенасто изматете ги белките со постепено додавање на шеќерот. После 5-8 минути кога шеќерот ќе се растопи и ќе добиете цврст днег кој не паѓа од садот кога ќе го превртите, започнете да ги додавате останатите состојки, претходно помешани. Повеќе не матите со миксер, туку со лажица или шпатула, со превтување од долу кон нагоре.
Смесата истресете ја во претходно намастен и набрашнет калап за торти (со пречник од 26 см) со средна величина, израмнете ја и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, приближно 20 минути. Постапката повторете ја трипати за да добиете три кори.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за чоколаден фил: 6 јајца, 300 г шеќер, 150 г чоколадо за готвење, 180 г путер, 250 г маскарпоне сирење, малку арома на рум
ПОСТАПКА: Одвојте ги белките во посебен сад и пенасто изматете ги со постепено додавање на шеќерот додека да добиете цврст снег од белки (проверете, кога ќе го превртите садот не треба да паѓа). Потоа додека непрекинато матите започнете да ги додавате жолчките, една по една.
Садот во кој ги измативте јајцата ставете го врз друг сад во кој врие вода и варете ги на пареа половина час со непрекинато мешање. Пред крајот, кога смесата малку ќе згусне, додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека тоа да се растопи и соедини. Кремот тргнете го настрана и оставете го да се олади.
Пенасто изматете 180 г путер претходно омекнат на собна температура, па во него започнете да го додавате оладениот крем, лажица по лажица. Оставете мала количина од кремот за да го помешате со маскарпонето.
Потоа соединете ги и двата дела, оној со путерот и оној со маскарпонето, додека да добиете изедначена смеса. По желба, додајте малку арома на рум. Добиениот крем оставете го 1 час или повеќе во фрижидер за да се стегне.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за „фереро“ фил: 250 г квалитетни наполитанки (како на пример Манер), 450 г лешников крем (Нутела). ПОСТАПКА: Изронете ги со раце наполитанките, да не се премногу ситни, па додајте го лешниковиот крем и промешајте за да се изедначи.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за чоколадна глазура: 200 г квалитетно чоколадо за готвење и 100 г путер. ПОСТАПКА: Растопете го чоколадото на пареа заедно со путерот и мешајте додека целосно да се соединат (или пак, во микробранова печка).
РЕДЕЊЕ: Прва кора, чоколаден фил, фереро фил, чоколаден фил, вторта кора, чоколаден фил, фереро фил, чоколаден фил, трета кора, чоколаден фил (премачкјате ја целата торта), чоколадна глазура и декорација со лешници или по желба. Тортата добро изладете ја пред послужување. Деталите погледнете ги ОВДЕ.