Жербо торта – Старински колач со неодолив вкус кој се топи во уста. Жербо тортата малку се разликува од добро познатите жербо колачи. Колачите обично се приготвуваат со развлекување на кора и џем, а во тортата корите се карамел и малку се крцкави, но најдобро е да го пробате рецептот, па сами да ја забележите разликата. Рецепт и видео презентација на Бојана од Бокина кујна.
Потребни состојки: 9 белки, 11 лажици шеќер, 15 лажици мелени ореви, 2 средно полни лажици брашно, 1 ванилин шеќер. Се пече една кора во плех од рерна на 180 степени околу 10-15-тина минути, а потоа се сече на три еднакви кори.
За карамел: 15 лажици шеќер и 50 г маргарин. За чоколаден прелив: 100 г чоколадо и 2 лажици масло. За фил: 9 жолчки, 10 лажици шеќер и 120 г маргарин. За глазура: 150 г чоколадо, 50 г маргарин и 2 лажици масло
Постапка: Одвојте ги белките од 9 јајца кои претходно биле оставени на собна температура. Садот во кој ќе се матат белките мора да биде сув, а исто така и маталките од миксерот за да се добие убав цврст снег.
Во шеќерот додајте го ванилиниот шеќер, па постепено додавајте го во белките. Кога најпосле ќе добиете убав цврст снег, со лажица постепено додавајте мешавина од мелени ореви и брашно. Мешајте со шпатула или лажица внимавајќи смесата да остане воздушеста.
Вака добиената смеса рамномерно распоредете ја во плех од рерна претходно обложен со хартија за печење. Ставете да се пече во рерна загреана на 180 степени, околу 15 минути без отворање. Кога ќе започне да се одвојува од ѕидовите, готова е. Оставете да излади а потоа пресечете ја на три еднакви делови за да добиете три кори.
За карамел: шеќерот ставете на тивок ога за да се растопи, а кога ќе се карамелизира додајте го путерот и промешајте да се соедини. Веднаш додека е врел прелијте го врз двете кори (третата ќе биде најгоре и не треба да се прелива). Оставете да излади а потоа со нож малку избоцкајте ги корите.
За чоколаден прелив: Во микробранова печка или на тивок оган растопете го чоколадото со две лажици масло. Оставете малку да подизлади, да не е врел, па прелијте го врз карамелот. Оставете да излади во фрижидер или на ладно.
За фил: Пенасто изматете ги жолчките со шеќерот а потоа сварете ги на пареа. Кога ќе изладат додајте го пенасто изматениот маргарин, па заедно измиксајте ги за да добиете фин мазен крем. На самиот крај додадете два ванилин шеќери.
Редење: Врз чинија за полужување ставете ја првата кора, па додадете третина од филот, па втората кора, фил, третата кора (без карамел), фил, чоколадна глазура.
За чоколадна глазура: сите состојки ставете ги на тивок оган додека да се растопат и соединат. Оставете ја тортата во фрижидер да излади и да се стегне глазурата, па сечете на коцки. Колачот е најдобро да отстои 2-3 дена за да омекне карамелот и полесно да се сече, иако може да се сече и веќе следниот ден. Целата постапка можете да ја погледнете на видеото ОВДЕ.