ЗЕБРА ТОРТА БЕЗ БРАШНО И БЕЗ ПЕЧЕЊЕ: за половина час ќе ја имате на трпеза. Вкусен десерт за целото семејство. Тортата се прави многу брзо, а не треба да валкате многу садови за да ја подготвите.

Многу е декоративна, а самиот изглед ќе ве воодушеви. Има вкус на ванила и чоколадо, а долниот слој е од бисквити. Торта со богат вкус, умерена блажина, нема да наидете на ништо повкусно.




Потребни состојки за кората: 180 г чоколадни или обилни бисквити, 70 г растопен путер, 1 лажица млеко. За кремот: 30 г желатин, 150 мл млеко.

Други потребни состојки: 400 г густа кисела павлака со најмалку 20% масленост (доколку немате може да супституирате половина маскарпоне со грчки јогурт или само грчки јогурт), 300 г кондензирано млеко, 200 г хопла (33-36% масленост), 10-15 г ванилин шеќер ( ќесичка), 30 г какао.




Постапка: Во блендер иситнете ги на помали парчиња бисквитите и сомелете ги. Може да користите обични или чоколадни бисквити. Откога ќе ги сомелете во блендерот додајте го претходно растопениот путер и 1 лажичка млеко и повторно изблендирајте додека да се формира потврда смеса.




Смесата префрлете ја во калап со обрач (со дијаметар од 18 цм), и добро распоредете ја, измазнувајќи ја површината подеднакво. Ставете да се стврдне во фрижидер околу 10 минути додека го подготувате кремот.




Подготовка на кремот: Во мала чашка додајте го желатинот со млекото и оставете го настрана, околу 20 минути да се затегне. Во друг поголем сад, додајте ја киселата павлака со кондензираното млеко и изматете со миксер до соединување.




Доколку немате кондензирано млеко, може да направите свое домашно или да замените со млеко во прав, шеќер, маргарин и зовриена вода. Во друг сад изматете ја хоплата до формирање на шлаг.




Растопете го желатинот на ниска температура, а потоа додајте 1 – 2 лажици од мешавината од кисела павлака и кондензирано млеко додека да се изедначат температурите.




Потоа додајте го целиот желатин во оваа смеса и продолжете да матите со миксерот. По соединување, постепено додавајте ја претходно разматената хопла и продолжете да матите со миксерот додека да добиете еднолична смеса.




Поделете ја смесата на два еднакви делови, а во едниот дел додајте 1 ќесичка ванилин шеќер, па промешајте, а во другата смеса додајте 30 г какао. Прво измешајте со рачна маталка за да не се разнесе правот од какао па потоа соединете со миксер.




Двете смеси загрејте ги на ниска температура на пареа да добијат малку потечна форма, а потоа ставете 6 лажици чоколаден крем врз основата и премачкајте ја целата површина.

Потоа додајте 4 лажици од белиот крем на средината, но не премачкувајте туку оставете кремот сам да се шири. Додавајте 4 лажици чоколаден, па бел крем додека да се потроши смесата. Со помош на чепкалка за заби направете хоризонтални, вертикални и дијагонални линии, како да сечете пица.




Ставете ја тортата во фрижидер да излади најмалку 4 – 6 часа, а потоа послужете. При сечење, сечете триаголни парчиња како што е обележана декорацијата. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.